ВЕТЕРАНИТЕ НА РАБОТНИТЕ АКЦИИ САДЕА САДНИЦИ ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА АКЦИЈАШТВОТО

    ВЕТЕРАНИТЕ НА РАБОТНИТЕ АКЦИИ САДЕА САДНИЦИ ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА АКЦИЈАШТВОТОАкцијашите се собраа од повеќе градови од Македонија (Фото: СДК.МК)

    Стотина македонски акцијаши ветерани го одбележаа Денот на акцијаштвото така што во околината на езерото Младост за два часа засадија 2.000 садници багрем. Работата не им беше тешка, имајќи предвид дека во младоста градеа пруги, автопатишта, водоводни мрежи и друга инфраструктура. Возраста сега им дозволува да се вклучат во акции на пошумување и чистење јавни површини.

    Уште како мал ме привлекуваше работата со млади. Имам учествувано на многу сојузни работни акции. Започнав во 1975 како пионер, завршив како пензионер“, кажа Ордан Камењаров од Велес.

    Ниту годините, ниту ветровитото време не беа пречка поранешните акцијаши да го посветат денот на пошумувањето на опожарениот дел околу езерото. Се собраа од повеќе градови од Македонија, од Куманово, Штип, Битола, Крива Паланка…

    Акцијаш сум од 1976 година. Како што тогаш ја градевме Југославија, така сега помагаме во Македонија. Колку што можам ќе продолжам. Затоа во бригадата ги приклучив внуците од 5,5 и 4,5 години за да ја продолжат традицијата. Кумановските акцијаши денес се носители на еколошките активности во општината“, вели Јусуф Љатифи од Куманово.

    Освен што садеа нови дрвја, тие низ муабет се потсетуваа на младоста и случките од акциите, каде што минале дел од животот и оставиле траен спомен. Славко Мицев кажа дека прекарот Гане Лопатарот го добил токму по работата на акциите.

    На акциите сум од 1968. Првата ми беше во Нов Белград, во време кога студентите се побунија и имаше демонстрации. Ме влече пријателството, другарството, секој пат сум помагал кога сум можел. Драги се спомените на луѓето и времето минати по акции“, вели Мицев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира