Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди низа неправилности и слабости во работењето на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за 2023 година, што резултира со нефункционални објекти, дотраена опрема и пропуштени можности за остварување дополнителни приходи. Ревизијата даде мислење со резерва за финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законите.
Според извештајот, Аква паркот, кој е дел од комплексот, во 2024 година е затворен и не остварува никакви приходи. Одлуката е донесена поради економска неисплатливост и истечен десетгодишен гарантен рок на реквизитите и опремата. Во 2023 година, Аква паркот остварил приход од 4,29 милиони денари, што е за 41% помалку од планираното.
Ревизорите укажуваат и на неизвесноста околу соларниот систем за загревање на пливачкиот базен, кој не е во функција поради технички недостатоци. За набавката на овој систем, друштвото исплатило речиси 26 милиони денари, а неговата сегашна книговодствена вредност е само 2,85 милиони денари.
Констатирана е и пропуштена можност за остварување приходи од стопанисување со паркингот. Иако друштвото има право да го користи, со години наназад не наплаќа за паркирање.
Проблеми се утврдени и при издавањето на деловните простории. Иако закупот се врши преку електронско јавно наддавање, кај 14 од 24 активни договори, постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до 50%. Овие договори, склучени на четири години, се продолжуваат со анекси под истите услови, без цените да се усогласат со актуелните пазарни услови.
Ревизијата го отвора и прашањето за адаптацијата на објектот за потребите на самитот на ОБСЕ во 2023 година, за што Министерството за надворешни работи (МНР) потрошило над 124 милиони денари. Ревизорите констатирале дека од МНР не се доставени записници за изведените работи и инсталираната опрема, кои сè уште не се формално предадени во владение на спортскиот центар.
Во извештајот се нотира и дека долгот од над 260 милиони денари кон Град Скопје за изградба на салата, направен во 2011 година, е отплатен дури во периодот 2019-2023 година. Бидејќи друштвото работело со загуба, сите средства за отплата биле обезбедени од државниот буџет.