АРМ ГО ИЗГРАДИ ОДНОВО МОСТОТ ВО ПОРОЈ ОДНЕСЕН ОД ПОПЛАВА

    АРМ ГО ИЗГРАДИ ОДНОВО МОСТОТ ВО ПОРОЈ ОДНЕСЕН ОД ПОПЛАВАНовоизградениот дрвен мост во употреба го пуштија министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. (Фото: Зандон)

    Пред четири и пол месеци, во катастрофалното невреме што го зафати тетовското село Порој, надојдената Поројска Река однесе се пред себе. Го однесе дрвениот мост во селото и со илјадници кубни метри камења и кал го затрупа магистралниот пат Тетово-Јажинце и причини големи штети на нивите во долното течение на реката. Поради однесениот мост, жителите на Порој не можеа да поминат од едниот крај на селото на другиот, туку за тоа мораа да се симнуваат неколку стотини метри, дури до магистралниот пат.

    Мостот, конечно, е изграден, но жителите на Порој посочуваат и на другите нерешени проблеми кои ги создаде невремето.

    Неколку месеци чекавме на овој мост и, еве, денеска ќе го пуштиме во употреба. Но, она што останува е дека не е исчистено коритото на реката. Посебно ќе бараме од Министерството за одбрана да се минираат неколку големи карпи во горниот тек на реката. Тие се голема закана да се откорнат при некое следно невреме и да причинат голема штета во селото“, рече Сулејман Рамадани, претседател на месната заедница Порој.

    Неговиот соселанец Шабан Османи вели дека се уште не добиле ниту денар за претрпените штети на нивните ниви.

    Досега немаме добиено ниту денар. Ќе биде, ќе биде, само тоа ни ветуваат, ама обесштетување нема. Поројот тогаш ни нанесе навистина голема штета. Сите ниви покрај реката беа затрупани со кал и камења. На нив веќе ништо не може да се сее“, вели Османи.

    Новоизградениот дрвен мост во употреба го пуштија министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Тие велат дека тој е изграден со заедничка соработка на Министерството и на локалната самоуправа на Тетово.

    „Веќе вторпат, армијата на Република Македонија успева да реши сериозен проблем на локалното население. Инженерската екипа, која учествуваше во овој потфат, за само 12 дена го направи овој мост. Во вакви ситуации, најдобро се покажува врската помеѓу граѓаните и армијата“, рече министерката Шеќеринска.

    Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, ја истакна соработката на Општината со АРМ.

    „Постигнавме договор, со кој Општина Тетово обезбеди градежен материјал, а инженерските тимови на АРМ работеа на изградбата на мостот“, изјави Арифи.

    Таа најави дека во 2018 година, со помош на Владата и УНДП, предвидени се средства за средување на овој дел од коритото на Поројска Река со изградба на решеткасти брани, со што трајно ќе се реши проблемот со честите поплави, кои ги прави оваа река по секој пообилен дожд.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира