Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во Рио де Жанеиро се борела за климатска правда, на маргините на Самитот на Г20.
Таа учествуваше на состанокот на Урбан 20, кој обединува градоначалници од сите континенти, кои ги презентираа нивните решенија за да им помогнат на меѓународните и националните институции да ги реализираат социјалната вклученост, борбата против гладот и сиромаштијата, одржливиот развој и реформата на глобалното владеење.
Арсовска, која била претставничка на Конгресот на Советот на Европа, ја нагласила важноста на остварувањето на вистинската климатска правда заснована врз почитувањето на човекови права.
„Усвојувањето на пристапот на човекови права во заштитата на животната средина и одржливиот развој и обезбедување на издржлив и одржлив екосистем е наша заедничка одговорност за идните генерации“, рекла Арсовска.
Состанокот завршил со усвојување на соопштение и со повик до лидерите на Г20 да работат заедно за да се обезбеди еластична и инклузивна урбана иднина.
Град Скопје не испрати соопштение за оваа меѓународна активност на скопската градоначалничка, ниту пак дали е вратена од Бразил.
За петок во 13:30 часот пред канцеларијата на Арсовска е најавен протест на жителите на Шуто Оризари кои подолго време немаат никаков јавен превоз и над 25.000 луѓе се целосно отсечени од градот.
Од Кабинетот на Арсовска вчера соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски се виновни за тоа што Скопје е без јавен превоз.
Од вчера попладне на улиците во Скопје нема автобуси од јавниот превоз поради немање нафта, со што тие останаа паркирани во базите во Автокоманда и Ѓорче Петров.
Арсовска победи на локалните избори во 2021 година како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ.