АЦА ЛУКАС УАПСЕН И КАЗНЕТ БИДЕЈЌИ НОЌЕСКА НАСТАПИЛ ВО КАВАДАРЦИ БЕЗ ПОТРЕБНА ДОЗВОЛА

    АЦА ЛУКАС УАПСЕН И КАЗНЕТ БИДЕЈЌИ НОЌЕСКА НАСТАПИЛ ВО КАВАДАРЦИ БЕЗ ПОТРЕБНА ДОЗВОЛАПротив Лукас била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. (Фото: Принтскрин од видео на Инстаграм)

    Кавадаречката полиција го приведе српскиот турбофолкер Александар Вуксановиќ, познат како Аца Лукас, затоа што настапувал во Кавадарци во локал без потребна дозвола. Настанот се случи ноќеска, по полноќ.

    „На 22 ноември во 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа А.В. (57 год.) од Република Србија. При вршење на акциска контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци, од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, било констатирано дека во угостителски објект во Кавадарци А.В. настапувал без потребната дозвола“, кажа Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.

    Против Лукас била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. За турбофолкерот била поднесена прекршочна пријава во Основен суд Кавадарци. Од Основен суд Кавадарци соопштија дека на Аца Лукас му била изречена парична казна во висина од 50 евра.

    При контрола во локалот каде што тој настапувал, освен полиција биле присутни и неколку инспекции: Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи, кои констатирале повеќе неправилности: неиздавање на сметки, пушење во затворен простор и поголем број лица од дозволениот.

    „При контролата во угостителски објект каде бил настапот на гостинот, констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, а од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволениот број, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, дополни Ѓаковска.

    Таа додаде дека Министерството за внатрешни работи, во соработка со другите надлежни институции, ќе продолжи и во наредниот период со зајакнати акциски контроли на територијата на целата држава, со цел санкционирање на какви било кршење на законите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира