Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески повторно го прекршува Законот за градење со тоа што не ја сопира изградбата на дивиот хотел во Лагадаин, реагираат активисти на „Охрид СОС“. И денес, трета недела по ред, инвеститорот продолжува да гради иако за градбата во моментов нема никакво важечко одобрение.
Дека градоначалникот треба да ја сопре градбата, минатата недела му посочи и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Директорката Марина Наќева-Кавракова објасни дека и покрај уважената жалба од инвеститорот на Вторстепената комисија, хотелот не смее да продолжи да се гради се додека не истече рокот за жалби. Тој истекува на 30 јуни, дури тогаш одлуката на Второстепената комисија ќе стане правосилна, но инвеститорот и покрај тоа не смее да продолжи да гради се додека Општина Охрид не му издаде ново одобрение за градење доколку градоначалникот се одлучи за таква можност. Градоначалникот сега има можност и да ја продолжи борбата за заштита на брегот од градби во заштитените 50 метри од највисокиот водостој, односно може да ја обжали одлуката на Второстепената комисија.
„Градоначалникот има две опции. Едната е да се жали на Управен суд на одлуката на Второстепената комисија, а другата е да постапи по одлуката на Второстепената комисија и да му издаде ново одобрение за градење согласно препораката. За која можност ќе се одлучи, зависи исклучиво од градоначалникот“, рече директорката Наќева-Кавракова.
Таа нагласи дека додека се чека да истече рокот и одлуката на градоначалникот, градежни активности во Лагадин не смее да има, но хотелот се гради како да нема никаква пречка.
Градоначалникот на Охрид е недостапен да објасни зошто не ја сопира изградбата на хотелот и покрај јасните препораки. Тој уште не се изјасни ниту дали ќе се жали на Упрвен суд за одлуката на Вторстепената космија иако рокот истекува за три дена.
За разлика од него, инвеститорот на хотелот, бизнисменот Никола Толевски, не се крие и јавно кажува дека продолжил да гради оти Второстепената комисија му ја прифатила жалбата. Самиот протолкувал дека поништувањето на одобрението не важи и дека по одлуката повторно е на сила па за да не задоцни со градбата , продолжил со градење.
Активисти на „Охрид СОС“ укажуваат дека доколку градоначалникот го почитува законот, невозможно е да издаде ново одобрение за градење на хотелот во Лагадаин, бидејќи Инспекторатот за животна средина прецизно укажа дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба. Освен тоа со градењето на хотелот, активистите потсетуваат дека се прекршени вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и градбата не е во согласност со Уставот на Република Македонија, а за тоа се известени сите надлежни институции.
Во март годинава градоначалникот Бакрачески, постапувајќи по насоките од Државниот инспекторат за градежништво поради бројните прекршувања, го поништи одобрението за градење. Инвеститорот се жалеше, Второстепената комисија му ја уважи жалбата и го врати предметот на повторно одлучување во Општина Охрид.
Д. ЧУБРИЌ