Ја нема вообичаената предвелигденска слика во велешко Башино Село, кое беше најголемиот одгледувач на млад кромид во земјава. Сретсело само еден откупувач и полупразен камион. Малкумина од локалните семејства сега го работат овој ран зеленчук.
„Младите се незаинтересирани, останаа возрасните да работат. Јас имам 53 години, работам во бавча 35 години, немам ниту ден стаж. Едно време работевме и со аргати, толку работа имаше. Наназад 15 години јас и сопругот сами работиме“, вели Татјана Бабуновска од Башино Село.
Ако лани еден сноп со 25 врзопи млад кромид беше 150 денари, годинава е 120, додека цените на сите репроматеријали скокнаа неколкупати. На велешки пазар цената на еден врзоп млад кромид е 10 денари, колку и лани.
„За 60 отсто е намалена работата. Цените отидоа високо, нафта, вештачко ѓубре, препарати, а цената на откупот пониска од лани. И во Скопје не се бара, да не зборам за надвор од Македонија, каде го пласирав пред 10-20 години, во Србија, Хрватска, БиХ. Откупував по 1.200 снопа, сега околу 240. И да има род, нема кој да го купува“, кажа Мемед Весели, кој 30 години доаѓа во Башино Село и откупува млад кромид.
По десетина години, оваа не дојдоа дистрибутери во селото за откуп и пласман на хрватскиот пазар.
Производителите сметаат дека за некоја година во Башино Село ќе се одгледува млад кромид колку да се задоволат потребите на велешани, не и пошироко. Упатените велат дека приматот во одгледувањето на оваа култура го преземаат Росоман и Сирково.
П. ПЕЧКОВ