БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ДНЕВНО КОРИСТАТ 13.000 ЖИТЕЛИ ВО КУМАНОВО, ТВРДИ ДИСПЕЧЕРСКИОТ ЦЕНТАР НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ, ОПОЗИЦИЈАТА СЕ СОМНЕВА ВО БРОЈКИТЕ

    БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ДНЕВНО КОРИСТАТ 13.000 ЖИТЕЛИ ВО КУМАНОВО, ТВРДИ ДИСПЕЧЕРСКИОТ ЦЕНТАР НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ, ОПОЗИЦИЈАТА СЕ СОМНЕВА ВО БРОЈКИТЕИ Секторот за комунални дејности се сомнева дека се возат 13.000 луѓе дневно, но Општината не плаќа по бројот на патници, туку по километар и смета дека нема злоупотреба на средства. (Фото: СДК.МК)

    Околу 13 илјади патници дневно користат градски превоз во Куманово покажа извештајот кој го изработи диспечерскиот центар, со цел да ја покаже оправданоста на одлуката на Советот на Општина Куманово за субвенционирање на јавниот превоз. Информацијата за начинот на реализирањето и ефективноста од спроведувањето на Одлуката за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово се најде на дневен ред откако завршија првите 6 месеци од субвенцираниот превоз, кој беше воведен на почетокот на годината.

    Според анализите доставени до Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата при Општина Куманово, забележано е зголемување на бројот на превезени патници, па бројката од 7.000 се искачила на 20.000 граѓани, кои ги користат услугите на општинскиот линиски превоз.

    „Во јануари се превезени 12.338 патници дневно и 294.800 месечно, во февруари 12.789 дневно и 305.536 месечно, во март 13.101 дневно и 352.047 месечно, во април 13.102 дневно и 299.858 месечно. Во мај дневно се превезени 12.986 и месечно 322.812 патника, додека во јуни на дневна основа се 11.503, а месечно 298.123 патника“, стои во извештајот доставен до советниците.

    Советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите смета дека извештајот не е рационален приказ за остварените резултати и бројот на корисници, бидејќи е изработен од диспечерскиот центар, кој го формираа превозниците, односно тие што го спроведуваат превозот и на кои Општината им плаќа, па нема обврска да го утврди точниот број на патници.

    „Мене не ми е јасно како пораснала бројката од 7.000 на 20.000 патници, ако по она што го покажува диспечерскиот центар секој месец е различен. Ме интересира како избројаа дека во февруари имало 12.979 патници, во март 13.101 дневно, а не постои систем за броење. Јас како претставник на Советот, воопшто ама воопшто не верувам на информациите што ги дава диспечерскиот центар. Тие се страна заинтересирана за остварување на профит, и јас немам ништо против тоа, но ние како Совет и вие како сектор имаме обврска да знаеме како се трошат парите од буџетот, тоа се огромни средства од 750.000 евра и се трошат без никаква контрола“, заклучи Андоновски.

    Раководитеката на Секторот за комунални дејности Лидија Ланг-Спасовска, кажа дека и тие имаат сомнежи дека се возат 13.000 луѓе дневно, но Општината не плаќа по бројот на патници, туку по километар и нема злоупотреба на средства.

    „Ние можеме да ја провериме километражата и дали линиите се возат и дали навремено поаѓат и пристигнуваат автобусите. Бројката на патници за жал не можеме да ја утврдиме, затоа што немаме систем за броење. Бројките кои ги имаме се добиени од диспечерскиот центар и од инспекциските служби кои го контолираат превозот“, кажа Ланг-Спасовска.

    Таа потсети дека со одлука на советниците за финансирање на јавниот превоз за првите 6 месеци се одобрени 30 милиони денари, уште 15 милиони денари за наредните три месеци, па дополнително уште 2.25 милиони денари за превоз до селото Клечовце. Тоа е вкупно 47.25 милиони денари или 768 илјади евра. Превозниците за услугата наплаќаат по 40 денари од изминат километар, а не по број на патници. Дали превозот е спроведува согласно договорот контролираат општинските инспекциски служби.

    Советникот Александар Јовановски од СДСМ смета дека бројката е половина од она што е прикажано, дека мерката не ги дала очекуваните резултати како што е намалениот сообраќаен хаос и загадувањето на воздухот, па праша дали треба да продолжи.

    „Неспорно дека дел од жителите се задоволни од мерката, но дали се тие доволно за да продолжи овој проект? Дали вреди да се потрошат толкави пари, ако не го користат доволен број на граѓани. Ние како комисија бевме во диспечерскиот центар и претставникот од Секторот за финансии изрази сомнение“, кажа Јовановски.

    За советниците од позицијата извештајот е реален и ја покажува вистинската слика за искористеноста на јавниот превоз, поради што сметаат дека мерката е оправдна и треба да продолжи до крајот на годината. Дел од советниците имаа забелешки дека за шест месеци не е направена ниедна постојка и граѓаните не можат да го користат превозот.

    Куманово на почетокот на годината како прва општина во земјата воведе бесплатен градски превоз за граѓаните и тоа ќе ја чини Општината над 1 милион евра, бидејќи градоначалникот Максим Димитриевски најави дека ќе му предложи на Советот да ја продолжи мерката до крајот на годината.

    Граѓаните кои го користат превозот ја поддржуваат мерката, додека останатите сметаат дека тоа е непотребно фрлање пари во време на криза, бидејќи Општината има нерешени еден куп на инфраструктурни проблеми.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира