До крајот на јули, на шест локации на отворено во Скопје ќе се одржуваат бесплатни часови за вежбање. Проектот „Скопје вежба“ го организира Град Скопје, а часовите ќе ги одржуваат професори и студенти од Факултетот за физичко образование и спорт. Секој работен ден по 18 часот, на различни локации на јавните површини и парковите во Скопје ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога и атлетика. Проектот „Скопје вежба“ има цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма.
„Во наредните три месеци ќе им овозможиме на граѓаните и граѓанките бесплатно вежбање во попладневните часови во Градскиот парк, во ‘Иби Пајко‘, во паркот во Ѓорче Петров, паркот кај „Три Бисери“ во Аеродром, кај ‘Веро‘ во Тафталиџе и во паркот во Чаир. Сите термини секој ден ќе се објавуваат на веб страната на Град Скопје. Со овој проект сакаме да им овозможиме можност за спортување почитувајќи ги ковид-протоколите“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Продеканот за настава на Факултот за физичко образование и спорт Борче Даскаловски ги повика сите да дојдат на овие часови кои ќе бидат организирани според најновите трендови, а вежбите ќе придонесат за подобрување на здравјето.
„Сите реквизити ќе ги донесеме ние, на граѓаните им останува само желбата да дојдат на часовите и да вежбаат. Овој проект е особено важен бидејќи се случува во време на пандемија кога цела година поголем дел од времето го минувавме дома“, кажа Даскаловски.
А. АНТЕВСКА