Скопјани утрово изнервирани стигнуваат на работа од метежот во автобусите.
Бесплатниот превоз, велат, ги преполнил автобусите, па возачите морале да прескокнуваат автобуски постојки, да не застануваат, оти немало места ниту за седење ниту за стоење.
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ нема бројка на превезени патници ова утро оти патниците немаат обврска да ги валидираат картичките. Валидаторите во автобусите беа исклучени.
На метеж во автобусите се пожалија и патниците кои патуваат со приватниците. Возењето и кај нив е бесплатно поради воведувањето единствен систем за наплата во јавниот превоз.
Бесплатниот превоз е една од итните мерки кои Град Скопје ги презема за намaлување на загадувањето. Целта беше да се стимулираат граѓаните да ги остават дома автомобилите, но утрово воздухот пак е загаден.
Најзагадено во 8 часот беше во Гази Баба Гази Баба со измерени 191,60 микрограми ПМ10 честички на кубен метар, кај Ректорат со 118,32, Карпош 95, Лисиче 93,54, Центар 68,10 и во Миладиновци 31,03 микрограми на кубен метар.