БЕТОНИЗИРАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИТЕ ПОВРШИНИ ВО ТЕТОВО Е ГЛАВНАТА ПРИЧИНА ЗА СЀ ПОЧЕСТИТЕ ПОПЛАВИ ВО ГРАДОТ

    БЕТОНИЗИРАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИТЕ ПОВРШИНИ ВО ТЕТОВО Е ГЛАВНАТА ПРИЧИНА ЗА СЀ ПОЧЕСТИТЕ ПОПЛАВИ ВО ГРАДОТВо Тетово веќе наголемо се поплавуваат и оние улици кои претходно не биле поплавувани. (архивска фотографија)

    Последниве години при секој поголем дожд повеќе тетовски улици се поплавуваат иако тоа порано не било случај. Најзагрозени се долните делови на градот во близината на тетовската касарна, но поплавите не ги одминуваат и горните делови на градот во реоните на Два Бреста, Колтук, Горна Чаршија.

    Според тетовскиот архитект Бошко Видоевски, причините за ова, освен во несоодветната атмосферска канализациона мрежа, треба да се бара и во фактот што големи површини од градот се бетонизирани, па нема земјени површини што би го впиле вишокот на водата при ваквите обилни врнежи.

    „Во Тетово веќе наголемо се поплавуваат и оние улици кои претходно не биле поплавувани. Една од причините, освен дождот, секако дека е и немањето атмосферска канализација на прво место, но не треба да се занемарува еден друг феномен во Тетово, кој придонесува за ваквата состојба со потопени улици, а тоа е намалувањето на природните апсорпциони површини за атмосферските талози. Такви површини се приватните дворови во една урбана средина, кои треба да се остават во голема мера озеленети, почвени, природни, непоплочени, небехатонирани. Ваквите површини тоа ѝ помaгаат на градската инфраструктура полесно да се справи со наглото количество на дожд во критични невремиња“ вели Бошко Видоески, дип. инг архитект.

    Тетово последниве 20 години се бетонизира со огромен интензитет. На местата каде до неодамна постоеле две или три индивидуални куќи, сега се изградени огромни згради со педесетина, па и повеќе станови. Згради кои не го запазуваат оној законски минимум од 20% зеленило, згради без еден метар дворна површина или пак со дворови кои се целосно бетонизирани.

    „Не постои градска атмосферска канализација која има капацитет да ги собере сите води кои одеднаш ќе се разлеат по улиците, не само од нивните површини, туку и од целосно бетонираните приватни дворови, кои секако имаат пад кон улицата. Затоа, меѓу другото, постои и Законот за урбано зеленило кој пропишува барем 20 % од сопствената парцела да биде зелена површина. Настрана естетскиот момент и менувањето на градските визури во Тетово, треба да се потенцира дека тоа, во комбинација со нашето лошо поведение, тука се создава еден несреќен сплет на околности поради кој повторно и по кој знае кој пат се поплавуваат тетовските улици“, надополнува Видоески.

    Според Видоески, на Тетово му требаат многу нови зелени површини, но за жал локалните власти како да немаат интерес за зеленило туку само за нови и се понехумани високоградби.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира