Деветмината штипјани со девет „фиќовци“, произведени во 1960-тите години, по изминати 3.000 километри до Виена и назад, се вратија во Штип без никаков проблем на патувањето, дури и на планинските превои во Словенија и Австрија.
„Планиравме да заминеме со 8 ‘фиќовци’, но во последен момент ни се приклучи уште едно, па за Австрија при крајот на јуни заминавме со девет автомобили ‘застава 750’. Месец дена ги подготвувавме за пат долг и во двете насоки над 3.000 километри“, вели автомеханичарот Драган Јорданов, еден од водачите на групата во која се и Алексаднар Ристов, Горан Стоилков, Александар Георгиев, Дејан Берков, Зоки Јанев, Кире Каров, Душко Кугла и Игор Неделков.
„Возевме по топло време и под високи температуруи во возилата кои, како што е познато, немаат клима уреди. Моторите на автомобилите беа со кренати капаци и без да загрејат ги поминавме сите планински превои во Словенија и Австрија и без проблеми се вративме назад . Натаму одевме преку Србија, Хрватска и Словенија во Австрија, а назад по истиот пат само до Загреб затоа што отидовме за Сараево и преку Тара од Србија се вративме назад во Штип“, вели 40-годишниот Јорданов, кој уште како дете е вљубеник во автомеханичарскиот занает и во своите неколку „фиќовци“.
Како што велат останатите возачи, најголем противник биле високите температури, но сите возила издржале. Имале само мала, рутинска интервенција на едно „фиќо“, но добро е оти сите се разбираат од автомеханика.
„Најголем противник на возачите беше само сонцето кога возевме па сите изгоревме по рацете. Бевме приморани да имаме кратки паузи, но тоа го правевеме кога полневме бензин, па малку се освежувавме. ‘Фиќовците’ имаат резервоари од 28 литри, па ги дополнувавме со гориво на секои 300-400 километри. Возевме со брзина од 80 до 100 на час и просечната потрошувачка изнесуваше од 5-6 литри на сто километри. Сите сме задоволни од патувањето и од неколкудневниот претстој во Виена и во БиХ и планираме догодина пак да одиме на веќе традиционалната средба на меѓународниот автоклуб ‘Застава’ од Виена, на која присуствуваа македонци кои живеат во Германија и Швајцарија“, рекоа возачите од Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ