Во Битола до 2021 имаше 29.345 возила, од кои над 87 проценти патнички, според податоците на денешната промоција на апликацијата за техничкото решение „Битола сити бас“ (Bitola City Bus), за следење на движењето на автобусите кое треба да ја подобри услугата во општинскиот линиски превоз. Според податоците од последниот попис во Општина Битола има 85.164 жители, што значи на три жители има по едно возило.
„Во Битола приближно 80 проценти од возниот парк се патнички возила и во последните 10 години бројот на патнички возила се зголемил дури за 50 проценти, па високо на нашата агенда се проекти со кои делуваме за намалување на влијанието на сообраќајот врз животната средина“, рече проф.д-р Јасмина Буневска-Талевска од Техничкиот факултет, но и претставничка на Ротари клубот од Битола кој апликацијата од 1,5 милиони денари (околу 25.000 евра) ја донираше на Општина Битола.
Апликацијата вклучува набавка и инсталација на 14 ГПС уреди во автобусите на општинскиот линиски превоз, изработка на апликација за мобилни телефони, веб страница и веб доменот bitolacitybus.mk, печатена сигналитика на примарните автобуски постојки, хостирање на апликациите и одржување на мрежно поврзување и техничкото решение.
Професор д-р Никола Крстановски, експерт за одржливи урбани системи, рече дека е важно да се подобри квалитетот на јавниот градски превоз и корисниците да имаат точна информација кога ќе дојде превозот во реално време.
Беа презентирани податоци од истражувањето за квалитетот на јавниот превоз во Битола од 2022 на Марија Стојановска, постипломец на Техничкиот факултет, направено врз 315 испитаници. Над 20 проценти од анкетираните сметале дека превозот во Битола е лош, а 57.5 проценти дека е добар. На прашањето дали би користеле повеќе јавен градски превоз ако се подобри услугата, 43 ,5 проценти рекле многу повеќе, што според професорите укажува дека за луѓето е важно да се подобри јавниот превоз. На прашањето зошто не користат автобуси секој ден, како најчести причини се навеле лош и нередовен возен ред, премногу гужва и нечисти автобуси.
Во Битола досега јавниот превоз го вршат приватни транспортери, а не јавно општинско претпријатие.
Ж. ЗДРАВКОВСКА