БИТОЛА Е ПРВ ГРАД НА БАЛКАНОТ СО ТУРИСТИЧКА ПОНУДА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ

    БИТОЛА Е ПРВ ГРАД НА БАЛКАНОТ СО ТУРИСТИЧКА ПОНУДА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТИТактилната сигналитика овозможува слепите лица преку допир да прочитаат како изгледа културно-историскиот споменик. (Фото: СДК.МК)

    Битола стана прв град на Балканот, а и пошироко, со организирана туристичка понуда за лицата со попреченост. Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен „Мобилност“ и ГАУС Институт – Битола, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 Декември, ги промовираа алатките за пристапен туризам наменети за лицата со попречености. Изработени се табли со туристичка сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола наменети за лица со попречености, апликација за мобилни уреди – туристички водич за Битола за лица со попречености и печатен туристички водич за слепи лица и лица со оштетен вид.

    „Тактилна сигналитика која се состои од табли овозможува слепите лица преку допир да прочитаат како изгледа културно-историскиот споменик. Воедно, тука е и туристичкиот водич за Битола напишан на Брајово писмо со тактилни слики преку кои лицата со оштетен вид можат да прочитаат за културно- историските споменици, и трето, најсовремена мобилна апликација за паметните уреди преку кој сите лица со попречености кога се наоѓаат во близина на овие култуно-истоприски споменици ќе добијат зависно од нивната попреченост информација за објектот колку е пристапен, колку ката има, до каде можат да се качат и слично“, рече идејниот творец и проектант на алатките Игор Неделковски, кој е и ректор на Битолскиот универзитет.

    „Ова е капитален проект во кој се користат највисоки технологии наменети да им го олеснат животот на лицата со оштетен вид. Радикален чекор напред во остварување на правата на лицата со попреченост. Овие табли ќе бидат поставени на 10 историски споменици во Битола од Хераклеја , Завод и музеј, Офицерски дом, Католичка црква, Саат кула, ‘Свети Димитрија’, двете џамии и Безистенот. Направени се на македонски и грчки јазик со Брајово писмо и со апликации за слушање“, рече Нико Јанков, претседател на „Мобилност“ Битола.

    Проектот е финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира