БИТОЛА Е ВО ОПАСНОСТ ОД ЕКСПЛОЗИЈА СО РАДИУС ОД ДВА КИЛОМЕТРИ ОТКАКО БЕА НАЈДЕНИ СТОТИЦИ БОМБИ НА ГРАДИЛИШТЕТО КАЈ СТАДИОНОТ

    БИТОЛА Е ВО ОПАСНОСТ ОД ЕКСПЛОЗИЈА СО РАДИУС ОД ДВА КИЛОМЕТРИ ОТКАКО БЕА НАЈДЕНИ СТОТИЦИ БОМБИ НА ГРАДИЛИШТЕТО КАЈ СТАДИОНОТПелагонискиот регион е ендемско подрачје за неексплодирани убиствени средства останати од Првата светска војна зашто оттука минувал Македонскиот фронт, а денес е оставен само со еден пиротехничар. - Од вадењето бомби кај стадионот во Битола (Фото: СДК.МК)

    Во Општина Битола, советниците денеска побараа информација што ќе се преземе со гранатите од Првата светска војна кои се чуваат во касарната, а кои беа најдени на 26 октомври при реконструкцијата на стадионот „Под Тумбе Кафе“. При изградба на трибина, багерот наиде на бомби, по што беа извадени дури 595 парчиња, но копањето запре заради безбедност.
    Сега се чека Дирекцијата за заштита и спасување да набави багер и да се продолжи со акцијата. Се претпоставува дека ќе се извадат уште толку парчиња. Полицијата 24 часа го обезбедува теренот.

    Извадените гранати се чуваат во објект во битолската касарна, што беше објавено во емисијата „Код“ на телевизија „Телма“. Складот го користи Дирекцијата за заштита и спасување, а внатре се сместени 595 артилериски гранати со калибар од 75 милиметри кои пред две недели беа пронајдени при ископ на старата трибина од стадионот во Битола, како и други неексплодирани убојни средства што пиротехничарите ги наоѓале во Пелагониско.

    Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК денеска беше во објектот каде што се чуваат бомбите. Точната локација на објектот поради безбедност се чува во тајност, но просторијата е заштитена само со катанец. Тоа е несоодветно за склад во кој има толку многу бомби. Воедно и населбата е во изградба, се’ уште има стари руинирани објекти кои во ноќните часови се свртилиште на бездомници, а преку ден се крадат од нив и старите градежни материјали.

    Досега се извадени 595 бомби, но копањето запре заради безбедност. Се претпоставува дека ќе се извадат уште толку парчиња. (Фото: СДК.МК)

    Пиротехничарите велат дека опасноста од експлозија е минимална ако не се допираат гранатите, но би било лошо доколку некој провали или подметне пожар.

    „Битолчани не треба да стравуваат за безбедноста, ќе биде во најскоро време сето ова исчистено и уништено на полигон во Криволак. Во моментот опасноста за таму да настани експлозија е минимална, треба да се случи пожар или провала, да подметне некој за да има експлозија. Во размер од 2 километри би настанала голема штета“, вели Ѓорги Стефанов, единствениот пиротехничар во Дирекцијата за заштита и спасување во Битола.

    На опасноста предупредува и Ефтим Митов координатор на пиротехничарите во Македонија кој вели: „Не дај боже експлозија, на радиус од 2.000 метри од магацинот ќе биде расчистен градот“.

    Пиротехничарите цели 15 години бараат да се решат проблемите со складирањето на гранатите.

    „Прво, такви складишта не смеат да бидат по градовите, мора да се минимум 15 километри надвор од градот. Се врши складирање на минимални средства пет до десет кои не се опасни за транспорт или немало услови да се уништат. Но, во нашата држава 15 години чекаме магацините да се тргнат од градовите. Никаде во светот не се складираат неексплодирани убојни средства. Правило по сите стандардни оперативни процедури е уништување на лице место каде што ќе се најдат. Кај нас не’ тераат да одиме на села за да се ништи зашто немаме соодветни средства за ништење на местото каде сме ги нашле. Од шума ги носиме в град“, вели Митов.

    Пиротехничарите цели 15 години бараат да се решат проблемите со складирањето на гранатите. Точната локација на објектот поради безбедност се чува во тајност, но просторијата е заштитена само со катанец. Тоа е несоодветно за склад во кој има толку многу бомби. (Фото: СДК.МК)

    Проблем не претставуваат само складираните гранати, туку и оние кои се’ уште останаа недоизвадени кај стадионот во Битола.

    „Се обративме до Дирекцијата во Скопје дека ни е потребна механизација бидејќи услови за вадење рачно нема. Така многу тешко би одела работата, можеби месец , два, пет, а ги има уште толку по тоа што се гледаат. Во Дирекцијата имаше и промена на директорските места. Од новиот директор имаме многу надеж и очекување дека ова брзо ќе се реши“, вели Стефанов.
    Митов објаснува дека гранатите кога се покриени со земја нема голема опасност, но дел од нив кај стадионот се веќе откриени, па во услови на невреме и електрични празнења може да бидат многу опасни. Прво треба да се извадат, а потоа да се уништат на воениот полигон во Криволак, каде му рекле дека термини пред 10 декември нема, поради што оваа темпирана бомба останува во Битола уште цел месец.

    Пелагонискиот регион е ендемско подрачје за неексплодирани убиствени средства останати од Првата светска војна зашто оттука минувал Македонскиот фронт, а денес е оставен само со еден пиротехничар.

    „Само јас сум пиротехничар и го држам реонот за Прилеп , Демир Хисар, Ресен, Мариово, Крушево, Битола, значи најголемиот реон во земјава. Во просек од овој регион годишно излегуваат по 200 неексплодирани убиствени средства“, раскажува Стефанов.
    Кај стадионот „Под Тумбе кафе“ во Битола кога започнала да се гради северната трибина биле пронајдени уште 200 артилериски гранати од различен калибар. При реконструкцијата на Шеталиштето пред десетина години беа пронајдени стотици гранати од Првата светска војна. Тие не биле испалени, туку напуштени за време на војната, а потоа се затрупале. .

    Координаторот на пиротехничарите Митов вели дека секојдневно си го ризикуваат животот за да ги заштитат граѓаните, а работат со стара заштитна опрема, без потребните материјални средства, без бенифициран стаж и подмладок.

    „Си го ризикуваме животот, немаме заштитна опрема. Немаме панцири. Секоја година нема пари за нас. До лани работевме со средства си поминат рок. Со тие средства детонатор и штапин не можете да уништите граната на лице место зашто не можете да ја контролирате експлозијата. Штапинот гори еден сантиметар за една до една и пол секунда што не е доволно време за да се оддалечите на безбедно растојание. Тоа е минимум 800 метри. Местото треба да е обезбедувано од полиција, а тоа така не е регулирано 15 години. Треба да надлетува дрон. Ние одиме да ништиме сами, мора да се оддалечиме за да не загинеме, може да налета некој цивил, а не можеме да ја прекинеме експлозијата“, додава Митов.

    Воедно пиротехничарите во странство не се постари од 55 години и имаат бенифициран стаж, а кај нас не и ги има и на 65-годишна возраст.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира