БИТОЛА МУ ГИ ВРАТИ СТАРИТЕ АВТОБУСИ НА ШИЛЕГОВ

    БИТОЛА МУ ГИ ВРАТИ СТАРИТЕ АВТОБУСИ НА ШИЛЕГОВАвтобусите беа позајмени во почетокот на октомври, кога локалните превозници излегоа на протести (Фото: СДК.МК)

    Битолската градоначалничка Наташа Петровска му ги врати на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов старите црвени автобуси од ЈСП „Скопје“.

    Тие беа позајмени во почетокот на октомври, за да помогнат во линискиот и школскиот превоз, кога превозниците излегоа на протести и изјавија дека нема да возат по новиот предлог-тарифник. Иако имаше бројни критики во јавноста за нивната дотраеност, превозниците уште следниот ден продолжија со превозот.

    „Автобусите беа позајмени за да одговориме на ситуацијата во која се најдовме во тој критичен период. Откако ја наминавме таа ситуација, заклучивме дека истите нема потреба да престојуваат во нашата општина и да носиме одговорност за нив, па ги вративме“, рече Петровска.

    Автобусите беа пуштени во сообраќај во неколку наврати да земат ученици од места каде немаше линиски превоз.

    Ученичкиот превоз е еден од најголемите предизвици пред кои е исправена локалната власт во Битола, тој да се организира законски и по прифатливи, пазарни цени. Општината вчера одлучи да ги раскине договорите со превозниците кои вршат општински линиски превоз и превоз на ученици. Тие ќе возат уште три месеци по старите договори, додека не им истече отказниот рок, по што ќе се бара ново решение.

    „Постојните договори за линиски превоз имаат член кој овозможува која било страна, дали Општина Битола, дали самите превозници, во отказен рок од три месеци предвремено да ги раскине договорите. Во следниот период, она на што работиме е подготовка на нов повик, кој ќе биде дефиниран со нови критериуми, кои ќе поминат на седница на Советот. На тоа работи цела комисија во Општина Битола, се одржуваат и контакти со превозниците. За учениците кои живеат во места до каде што има линиски превоз, ќе се возат со него, а онаму каде што нема, ќе биде распишана јавна набавка“, рече Петровска.

    Минатата недела, спогодбено раскинување на петгодишните договори за бесплатниот школски превоз со Општината и средни училишта во градот побараа три превозни фирми од Битола. Договорите беа направени во времето на ВМРО-ДПМНЕ и траат до 2020 година. Компаниите бараат предвреме да се раскине договорот, зашто со нивните услови за работа, економски неисплатливо им е да го вршат школскиот превоз.

    За петгодишните договори за превоз, склучени во 2015 година, предистражна постапка води и Основното јавно обвинителство од Битола.

    Бесплатниот школски превоз натрупа долгови во битолското образование. При промената на власта, долгот на школите изнесуваше 4,5 милиони евра. Претседателот на Советот Валентин Груевски на својот Фејсбук профил напиша дека со Законот за поддршка на општините, Битола од државната каса ќе добие 2,5 милиони евра, со што ќе се вратат долговите во образованието.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира