Битола има голем туристички потенцијал, но недоволно искористен, кажаа туристичките работници на јавната дискусија „Поддршка на локалниот бизнис за развој на туризмот“ во организација на МКЦ-Битола. Според нив, Битола има одлична позиција поради близината на Пелистер, Грција, Мариово, има антички град, стари градби, богата историја и културни настани, но не се целосно искористени.
Недостигаат платформи за да се знае која е точната понуда на градот, подобрена инфраструктура на влезовите од Битола, како и на пристапот до Пелистер, туристички содржини на планината, создавање одделение во Општината кое ќе им помага во промоцијата на туристичката понуда, но и ќе ги обучи како да привлечат странски пари за домашни туристички проекти.
„Потребно е подобрување на инфраструктурата која ни е болна точка, не само на Битола, туку и на Македонија. Градот има неизмерен, а и неискористен потенцијал во однос на планината. Национален парк имаме, а немаме скоро никакви содржини. Сè е на грбот на индивидуалци. Има многу место за работа и со соработка на сите страни може да се направи една убава приказна зашто индустријата ни е таа што е, земјоделството има потенцијал, но не се користи, па туризмот може многу да придонесе“, рече Филип Стојчевски, сопственик на еден од водечките угостителски бизниси во Битола и пошироко.
Битолскиот Регион нема море, термално води, ни Ајфелова, ни Крива кула, но има природа која овозможува уникатни доживувања, нагласи Никола Јошевски, основач на туристка агенција од Битола. Тој смета дека на влезовите од градот треба да има реклами со туристичките понуди.
„Сум шетал на многу места кои не се ни половина од она што се нуди тука, на пример сафари во Мариово и на кањоните по реката во Зовиќ. Оваа година имало околу 2.500 туристи кои го искусиле сафарито. Можеме да развиваме и транзитен туризам, можеби и не ни требаат туристи кои ќе спијат 7 или 10 дена тука ако само 5 проценти од овие 30 милиони луѓе што одат на кај Грција преноќат една вечер во Битола. Треба ние угостителските работници да ги тргниме ситните индивидуални интереси и сите заедно да се заложиме да направиме едно заедничко добро во градот“, рече Јошевски.
Сашо Додовски од МКЦ нагласи дека е важно да се инвестира во паметниот или смарт туризам што има огромен замав во ЕУ, а тие спроведуваат токму такви проекти во регионот на Битола и Корча.
„Темата е многу погодна од аспект на спротивставување на негативните демографски трендови и можност за насочување на младите да работат во област која не била многу застапена, а тоа е претприемништвото во областа на туризмот. Земјите во регионот покажуваат дека претприемништвото во турзмот носи ограмни резултати и нови работни места“, рече Додовски.
Тој му предложи на градоначалникот Тони Коњановски заедно да направат апликација за Битола да биде европска престолнина на паметниот или таканаречен смарт туризам за 2025 година.
Ж. ЗДРАВКОВСКА