Дури 459 жители на Битола не ги подигнале решенијата или согласностите за легализација на бесправни објекти од Општината за кои сами поднеле барања. Некои од нив се дури од 2017 година.
Од Општина Битола велат дека континуирано работат на решавање на предметите за легализација, но за дел од нив граѓаните не ги подигнале решенијата, иако биле известени.
„Во моментот, за 352 предмети се изготвени пресметки по готови урбанистички согласности, што барателите не ги подигнале од општината. Исто така, не се подигнати решенијата за уште 107 предмети изготвени од стручните служби и потпишани од градоначалничката Наташа Петровска. Општина Битола апелира до граѓаните да ги подигнат, за да можат да ја комплетираат започнатата постапка за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект“, соопштија од Општина Битола.
Оттаму не знаат зошто граѓаните не ги подигнале решенијата или согласностите за легализација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА