БИТОЛЧАНИ КОИ РЕДОВНО ПЛАЌААТ ВОДА ГИ ПРИЈАВУВААТ КОМШИИТЕ ШТО КРАДАТ

    БИТОЛЧАНИ КОИ РЕДОВНО ПЛАЌААТ ВОДА ГИ ПРИЈАВУВААТ КОМШИИТЕ ШТО КРАДАТЗлоупотреби на вода можат да се пријават телефонски, на е-пошта или со писмо (Фото: СДК.МК)

    Битолчани се охрабрија и ги пријавуваат комшиите кои крадат вода. Граѓаните имаат можност на е-поштата на јавното претпријатие „Водовод“ да пријават ако се сомневаат дека има злоупотреба на вода, а надлежните ќе проверат. Директорот Горан Козаров вели дека има добар одзив.

    „На е-поштата редовно имаме по 4-5 барања да се проверат одредени места. Ги охрабрувам сите жители на Битола, оти ние не можеме сами сѐ да постигнеме. Мрежата е премногу голема и бара премногу работа, па помошта од граѓаните ни е добредојдена. Може да се пријави телефонски, на е-пошта или со писмо. Најчесто се пријавуваат оние кои наводнуваат со големи количини и користат вода за бизниси“, вели Козаров.

    Во изминатиот период, претпријатието преку контроли открило повеќе злоупотреби, како кражби преку водомер или приклучоци без водомер, а има и жители кои наводнуваат земјоделски површини и користат вода за фарми, а на инкасаторите не им дозволуваат да влезат и да го прочитаат водомерот.

    „Пред две недели добивме упатства како треба да се постапува правно за откриените случаи. Отсега, ‘Водовод‘ за секоја откриена злоупотреба на водоводниот систем ќе повикува комунален инспектор кој ќе прави записник и ако не се постапи по него, тој преминува во кривична постапка. Тоа повлекува судски спор и тоа е единствениот законски пат кој можеме да го применуваме“, додава Козаров.

    Наплатата на вода е на задоволително ниво, а на должниците им се дозволува да плаќаат и на рати.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира