БИТОЛЧАНИ СО МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ ЌЕ ГИ ЛОВАТ ЗАГАДУВАЧИТЕ

    БИТОЛЧАНИ СО МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ ЌЕ ГИ ЛОВАТ ЗАГАДУВАЧИТЕСо проектот „Сликај, постирај, алармирај“ жителите може да ги лоцираат, сликаат и пријават загадувачите на воздухот во инспекторатот во Битола (Фото: СДК.МК)

    Битолчани сами ќе учествуваат во ловот на загадувачи на воздухот во градот, посебно на оние кои палат гуми и пластики, а информациите ќе бидат доставувани до Општинскиот инспекторат за животна средина. Тоа им го озвозможува проектот „Сликај, постирај, алармирај“ на Регионалното географско друштво „Геосфера“ кое денес потпиша меморандум за соработка со Општина Битола.

    „Граѓаните ги користат нивните мобилни телефони, се активира џи-пи-ес локацијата и преку одредена апликација сликаат загадувач. Фотографијата ја постираат на нашата фејсбук група. Ние ги преземаме координатите, правиме интерактивна мапа на ‘Гугл мапс’, која во секој момент граѓаните можат  да ја отворат и да видат на која локација има загадувач и на кој начин загадуваат. Ова го доставуваме до Општинскиот инспекторат за животна средина, па така инспекторот ќе може да има повеќе очи за да види како е загадувањето низ градот и побрзо да интервенира“, рече професорот по географија Мите Ристов, член на „Геосфера“.

    Mеморандумот меѓу Регионалното географско друштво „Геосфера“ и Општина Битола го потпишаа Мите Ристов и Наташа Петровска (Фото: СДК.МК)

    Проектот побуди голем интерес кај битолчани и досега се вклучени над илјада членови, а утврдени се над сто локации на загадување во Битола.

    „Мора да признаеме дека најголемиот процент од загаденоста на воздухот потекнува од самите нас и палењето на огништата со дрва, а особено со оној дополнителен материјал што го користат некои граѓани како прегорено масло, пластика, гума“, додаде Ристов.

    Градоначалничката Наташа Петровска изјави дека на овој начин се создава мапа со загадувачи во Битола.

    „Општина Битола има само еден инспектор за животна средина и тој не може физички да стигне да ги согледа секаде проблемите. Вака, нашиот Општински инспекторат ќе добива стручна помош во лоцирање на пунктните места и точки каде имаме загадување во Битола. Ќе видиме кои делови од градот во која сатница од денот се позагадени и во кои делови треба да реагираме“, рече Петровска.

    Се прават напори за набавка на професионални апарати за мерење на загаденоста, посебно на ПМ честичките, кои со  референтни бројки ќе може да ги мапираат загадувачите. Досега не беше изработен катастар со загадувачи  за Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира