Колони подолги од оние во летниот период имаше деновиве на преминот Меџитлија-Ники на македонско-грчката граница. Битолчани нагрнаа на шопинг во маркетите во Лерин, каде деновиве имаше попуст на јакни и планинарска опрема. Најгусто беше во понеделникот, за државниот празник Свети Климент Охридски, кога според вработени на граничниот премин, во Грција влегле дури 7.000 лица.
„Со сопругата одевме за Лутраки и кога се доближавме до граница добивме чувство како да сме среде летна сезона. Имаше огромни колони во три ленти. Се распрашавме што е работата и битолчани кои чекаа во колоната ни рекоа дека одат во маркетот ‘Лидл’ оти ќе има зимски јакни и за 20 евра“, раскажува битолчанец.
„Лидл“, каде што битолчани редовно ги полнат торбите, се наоѓа на два километра од границата, пред влезот во Лерин. Таму паркингот беше преполн со битолски коли и во 19 часот.
„Ние одевме на кафе во Лерин, кога на враќање забележавме дека паркингот е преполн со наши коли. Влеговме внатре и гледаме разграбуваат луѓето јакни од по 20 евра, но и планинарска опрема, која кај нас или ја нема или е од некои брендирани фирми, па е многу сакапа“, вели битолчанката Весна Јановска.
Слично беше минатата недела, само во обратен правец, кога жителите од пограничните села и градови во Грција нагргнаа да купуваат поевтина гардероба во Битола поради попустите за таканаречениот Црн петок.
Ж. ЗДРАВКОВСКА