БЛАГ ПАД НА БРОЈОТ НА БРУЦОШИ НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ОДНОС НА ЛАНИ, НО НЕ СЕ ПОПОЛНИЈА НИ ПОЛОВИНА ОД СЛОБОДНИТЕ МЕСТА

    БЛАГ ПАД НА БРОЈОТ НА БРУЦОШИ НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ОДНОС НА ЛАНИ, НО НЕ СЕ ПОПОЛНИЈА НИ ПОЛОВИНА ОД СЛОБОДНИТЕ МЕСТАРекторот на Универзитетот Игор Неделковски смета дека во услови на зголемена конкуренција ќе бидат задоволни во следните години да ја задржат бројката над илјада запишани бруцоши годишно. (Фото: СДК.МК)

    Бројот на запишани бруцоши на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола бележи благ пат од стотина студенти во однос на минатата година. Во оваа академска година во прва година со студирање почнаа околу 1100 студенти, а минатата околу 1200. Сепак ова не е исполнување ни на половина од предвидените вкупно 2600 места за упис.

    И на најстариот факултет на Универзитетот, Техничкиот со традиција од 61 година постоење, бројката на запишани студенти во прва година е приближно иста како лани и нема зголемување.

    „Имаме над 110 студенти бруцоши. Бројката е тука некаде како и минатите години, но со сите овие новонастанати услови мислам дека е добро зашто бројот на матуранти на годишно ниво се намалува, сите не студираат, а некои заминуваат во странство на други универзитети. Ние се трудиме и ќе се трудиме понатаму со сите најсовремени методи на комуникација да се промовираме, а имаме со што да се пофалиме ние сме еден од најстарите факултети во Македонија и имаме педесетина врвни професори“, рече деканот Митко Костов.

    Ректорот на Универзитетот Игор Неделковски смета дека во услови на зголемена конкуренција ќе бидат задоволни во следните години да ја задржат бројката над илјада запишани бруцоши годишно.

    „Имаме благ пад во однос на минатата година што се јавува на сите македонски универзитети, пред се̍ поради демографските текови и отворање на границите на странските факултети. Минатата година имаше зголемување поради тоа што странските универзитети не примаа странски студенти поради ковид пандемијата. Ние ќе бидеме задоволни ако ја задржиме оваа бројка во следните три години да биде над 1000 бруцоши, а посебен акцент да му дадеме на вториот и третиот циклус магистерски и докторски студии очигледно таму има простор за развој“, рече Неделковски.

    За да се привлечат поголем број на студенти тој смета дека потребни се нови атрактивни студиски програми. Во неговата изборна програма за ректор се заложи Висока медицинска школа да прерасне во факултет, а смета дека Битола има потенцијал и за отворање на Факултет за уметности.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира