Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски назначи нови в. д. директори на јавните претпријатија „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и ЈСП „Скопје“.
Борис Настов, кој беше директор на „Улици и патишта“ во мандатот на ексградоначалничката Данела Арсовска, повторно е назначен на оваа функција. Настов си даде оставка откако Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ и сите директори кадри на владејачката партија се повлекоа од функциите.
Како што соопшти Град Скопје, на чело на „Водовод и канализација“ е поставен Иван Митровски, кој беше заменик-градоначалник на Општина Кисела Вода во мандатот на Ѓорѓиевски. Во „Комунална хигиена“ на директорската функција е назначен Драги Митковски, вработен во секторот за комунални работи во Град Скопје, а со ЈСП „Скопје“ ќе раководи Сашо Илиевски кој е вработен во претпријатието.
„Сите се професионалци со докажани резултати зад себе, подготвени да ја подигнат ефикасноста и квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА



