Вентилите на брана „Паљурци“ повторно се затворени за наводнување на површините во општина Богданци. Нивото на водата во браната е под дозволениот минимум поради што „Водостопанство“ одлучило да не врши испорака на вода до земјоделците. „Паљурци“ не се полни веќе извесен период од системот „Ѓавато“, кој е алтернативно решение доколку пресушат природните водотеци. Земјоделските производители претежно на есенска зелка и модар патлиџан реагираат што повторно се оставени сами да се снаоѓаат за наводнување иако имат склучено договори за ова сезона.
„Не е во ред да нема вода во системот за наводнување од брана ‘Паљурци’. Речиси сите земјоделци од Богданци и Стојаково имаа засеано ова сезона, а од ‘Водостопанство’ веќе по трет пат ги затвара вентилите и не вршат дотур на вода. Иако земјоделската сезона е при крај, но има земјоделци кои имат есенско производство, а температурите во овој период повторно беа високи и треба вода“, реагираат земјоделците од општина Богданци.
Од јули годинава ова е трет пат како е секната водата за наводнување од браната „Паљурци“, а по притисокот од медиумите и јавноста се активираше системот „Ѓавато“ наменет за спас на Дојранското езеро кој е во надлежност на министерството за животна средина. Со оглед дека дотурот на вода од „Ѓавато“ до „Паљурци“ е по пат на испумпување со помош на електрична енергија, Владата при ребалансот на министерството за животна средина издвои повеќе десетици илјади евра за покривање на овие трошоци
Од АД „Водостопанство“ признаа дека не се врши испорака на вода до земјоделците заради намаленото ниво во браната „Паљурци“, но немаат финансиски средства да платат за да се активира повторно системот „Ѓаватo“.
„За дотур на вода во ‘Паљурци’, одговорни се министерствата за животна средина и земјоделство. Водата во браната падна под биолошкиот минимим и согласно законот ние сме должни да ја стопираме испораката на вода. Испративме допис до двете министерства и се надеваме дека ке се најде заеднички јазик да се надмине проблемот. И досега имаа интервенирано, бидејки природно не се полни ова брана“, изјави директорот на „Водостопанство“ Емрула Укшини.
Од министерството за животна средина не конкретизираа дали и кога повторно ќе се активира системот „Ѓавато“ наменет за Спас на дојранското езеро и за браната „Паљурци“.
В. ТРАЈКОВ