БРОЈОТ НА ПАРКИНГ МЕСТА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ОД 1.400 НА 12.000, ПРЕДВИДУВА НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН НА ТЕТОВО

    БРОЈОТ НА ПАРКИНГ МЕСТА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ОД 1.400 НА 12.000, ПРЕДВИДУВА НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН НА ТЕТОВОНа првата јавна дебата, од предвидените четири, беше претставен предлогот како ќе изгледа сообраќајот во градот, посебно јавниот превоз и како се планира да се реши недостатокот од паркинг места. (Фото: СДК.МК)

    Во Општина Тетово се одржа јавна дебата, за презентација на изготвениот Генерален урбанистички план (ГУП) за градот во наредниот период. На првата јавна дебата, од предвидените четири, беше претставен предлогот како ќе изгледа сообраќајот во градот, посебно јавниот превоз и како се планира да се реши недостатокот од паркинг места.

    За јавниот превоз се предвидува на главните сообраќајници да биде забрането паркирање на возила, со тоа што едната сообраќајна лента ќе биде наменета за автобусите од јавниот превоз. Исто така, се одредуваат правците на главните градски сообраќајници кои треба да се осовременуваат и прошируваат во три фази.

    За паркинг местата во градот ГУП-от превидува, како долгорочно решение, од сегашните околу 1.400 бројот во наредниот период да се зголеми на 12.000. Тоа се планира да се направи преку изградба на 8 катни гаражи, создавање нови паркинзи, а во опција е и изградба на паркинзи на влезовите во градот на кои би се паркирале сите оние кои не живеат во Тетово, а доаѓаат во градот за работа, посета и слично.

    „Решавањето на паркирањето во градот е многу комплексно решение. Според овој ГУП, предвидени се неколку локации каде би можело да се изградат катни гаражи. Но, понатаму ќе треба да се види дали тие локации се јавни, дали се приватни, и дали приватните сопственици сакаат да градат катни гаражи на тие локации. Затоа и за паркирањето се нудат неколку решенија. Исто така, дадена е и опција на сите три влеза во градот да се изградат транзитни паркинзи за да нема непотребно влегување со возила во градот од руралниот дел. Овие можности што ги дава ГУП-от во иднина фазно ќе ги реализираме според нашите можности“, изјави градоначалникот Билал Касами.

    Наредната недела овој план ќе биде поставен на веб страната на Општина Тетово, на која ќе може секој да доставува забелешки и предлози и идеи кои потоа ќе бидат разгледани за нивно евентуално усвојување.

    Последниот ГУП за Општина Тетово е донесен пред повеќе од дваесет години. Овој ГУП го изработил Институтот ИНСИ, а е финансиран со донација од две приватни компании „Еколог“ и „Ренова“. Неговата изработка ќе изнесува околу 400.000 евра, а оваа одлука за одобрување на донацијата е помината на седница на Советот на Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира