Општина Центар му издала решенија на сопственикот на бутикот на улицата Македонија кој си тера бизнис во стакленик за летна тераса да се урне. Ако тоа не го стори ќе интервенира Општината, а трошоците за уривање ќе ги плати газдата на бутикот.
„Сопственикот на бутикот не дојде на средба во Општина Центар. Овластен градежен инспектор постапувајќи по службена должност излезе на терен, изврши увид, состави записник од увидот и издаде соодветно решение, по кое сопственикот треба да постапи“, велат од Општина Центар.
Јавна површина може да се користи за летни тераси на кафулиња, но не и за бутици и продавници. Газдите на локалите за да добијат дозвола да заградат дел од јавна површина треба да достават елаборат до Град Скопје односно во Општина Центар ако локалите се во Дебар Маало. Во елаборатот се наведува колку простор ќе се зафати, односно колку маси и столици ќе има, а притоа треба да биде оставен простор најмалку од 2,5 метри за движење на пешаци. Откако елаборатот ќе се одобри се одредува комунална такса која изнесува 15 денари за метар квадратен од ден.
Сопственикот на бутикот не може да има дозвола и не може облеката да ја продава на јавна површина, но иако поранешна застаклена летна тераса веќе еден месец е претворена во продавница на плочникот од главната пешачка улица во Скопје, тоа никој не го забележа додека САКАМДАКАЖАМ.МК не објави текст и не постави прашања во Општината зошто се дозволува вакво самоволие.
А. АНТЕВСКА