СТАКЛЕНИК ЗА ПУШЕЊЕ ОД КАФУЛЕ НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА СТАНА БУТИК ЗА ОБЛЕКА, СОПСТВЕНИКОТ ПОКАНЕТ НА РАЗГОВОР ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

    СТАКЛЕНИК ЗА ПУШЕЊЕ ОД КАФУЛЕ НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА СТАНА БУТИК ЗА ОБЛЕКА, СОПСТВЕНИКОТ ПОКАНЕТ НА РАЗГОВОР ВО ОПШТИНА ЦЕНТАРЈавна површина може да се користи за летни тераси на кафулиња, но не и за бутици и продавници. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Застаклена летна тераса од кафуле на улица Македонија во центарот на Скопја стана бутик за облека. Иако со тоа се узурпира јавна површина, односно пешачката зона во строгиот центар на главниот град, никој од локалните власти не реагира. Инспекторите од Општина Центар не се излезени во центарот за да го санкционираат узурпирањето на пешачката зона. 

    Од Кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски велат дека на сопственикот на терасата му доставиле покана да дојде во Општината на разговор и да ја донесе на увид документацијата.

    Јавна површина може да се користи за летни тераси на кафулиња, но не и за бутици и продавници. Газдите на локалите за да добијат дозвола да заградат дел од јавна површина треба да достават елаборат до Град Скопје односно во Општина Центар ако локалите се во Дебар Маало. Во елаборатот се наведува колку простор ќе се зафати, односно колку маси и столици ќе има, а притоа треба да биде оставен простор најмалку од 2,5 метри за движење на пешаци. Откако елаборатот ќе се одобри се одредува комунална такса која која изнесува 15 денари за метар квадратен од ден.

    Сопственикот на бутикот не може да има дозвола и не може облеката да ја продава на јавна површина, но иако поранешна застаклена летна тераса веќе еден месец е претворена во продавница на плочникот од главната пешачка улица во Скопје, тоа никој не го забележал. По примерот на оваа застаклена пушачка тераса сите продавници, не само на улица Македонија туку низ цел град, може да почнат да си го прошируваат деловниот простор со заградување на тротоарите и улиците пред продавниците. 

    „За случајот е отворен предмет во Секторот за инспекциски работи и за исходот од постапката јавноста ќе биде известена дополнително“, велат од Општината.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира