„Само еднаш во животот го видов татко ми, на мои две години. Бев премал да го зачувам споменот од средбата и да живеам со него, па растев со раскажувањата“, вели Стефан Канински (84), син на првоборецот Никола Канински- Коле (1914-1944), еден од најистакнатите партизани и раководители на Народноослободителната борба во Битолскиот Регион. Тој деновиве ја посети Битола по повод 80-годишниот јубилеј на училиштето кое го носи името на татко му. Седумдесет години со семејството живее во Белград, но во срцето ја носи Македонија и зборува на чист македонски јазик, без да му се провлече ниеден србизам или погрешно акцентиран збор.
„Имав две години кога поради вклученоста на татко ми во ослободителното движење, мене, мајка ми и сестра ми нѐ интернираа во Стара Загора, Бугарија. Кога загина во 1944, имав само четири години. Тогаш се вративме во Битола. Мајка ни нѐ учеше да бидеме чесни и да не го срамотиме“, вели Стефан.
Иако немал татко да го советува, за тоа што значи да се биде човек учел од раскажувањата за неговите добрина и дела.
„Мајка ми и роднините ми кажауваа дека бил многу добар човек. Додека бил студент во Белград, им помагал на посиромашните другари. Тој ќе земел стан, татко му, попот Ристо, му давал пари за студирањее, па другарите живееле кај него. Помагал колку што можел. Дури работел како адвокат пред војната, им помагал на роднини и на други луѓе кои имале потреба да тужат некого, им пишувал жалби и тужби и самиот ја плаќал таксата во судот“, раскажува синот.
Првоборецот Канински по професија бил правник, студиите ги завршил во Белград, каде се вклучил во комунистичките кружоци. По завршувањето на факултетот во 1938 година, се вратил во Битола и продолжил со својот политички ангажман. Според историчарот д-р Александар Литовски, во 1941 станал член на Првиот битолски месен воен штаб, што значи дека непосредно раководел со организирањето на партизанската борба. Станал началник на штабот на партизанскиот одред „Даме Груев” и командант на партизанскиот одред „Гоце Делчев”. Бил избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загинал на Караорман во несреќен случај во 1944 како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада.
„Имам информации дека Англичаните пуштале неисправни мини за минофрлачи и кога загинал еден партизан, татко ми со Трифун Пановски отишле да направат увид и да испробаат некоја мина, но таа експлодирала во цевката и ги убила и двајцата“, раскажува Стефан.
Десетина години по ослободувањето, Стефан со мајка му и сестра му заминале за Белград, каде останале да живеат и работат. Таму се оженил и основал свое семејство. Неговиот син денес работи на аеродром во Мадрид како обучувач на контролори за летање, ќерката е на докторски студии во Љубљана, а еден од внуците е на докторат во Франкфурт. Сите со гордост го носат презимето Канински.
„На младите генерации во Македонија им порачувам да си ги чуваат татковината и слободата зашто тие се најскапоцени“, рече тој.
Името на првоборецот Канински денес го носат училиште и улица во Битола, а секоја година на спомен-бистата пред судовите цвеќе полагаат и битолските адвокати.
Ж. ЗДРАВКОВСКА