Мартин Николовски, новинар на Гласот на Америка на македонски јазик од Вашингтон, САД, е добитник на наградата за новинарство „Тоде Петревски“ што годинава по јубилеен 20. пат ја додели „Битолски весник“ во чест на прерано починатиот доајен на битолското и македонско новинарство, поранешен дописник на Радио Скопје од Битола.
Откако Николовски ја прими наградата рече побара сопствениците на медиумите што повеќе да вложуваат во млади кадри зашто новинарската професија ни изумира и нема веќе млади новинари, посебно во локалните средини.
„Да не дозволиме јавното мислење да ни го креираат некои што немаат врска со новинарство преку различни типови на подкасти и социјални медиуми, туку да се вложува во квалитетни кадри кои ќе пренесуваат брзи, точни и проверени информации. За жал, новинарството на локално и регионално ниво е во тешка состојба и на прсти се бројат новинарите кои останаа да известуваат дури и од поголемите градови како Битола. Потребна е поголема поддршка за да опстојат новинарите на локално ниво, зашто во повеќето национални медиуми многу малку се третираат локални теми“, рече Николовски.
Наградата му ја врачи директорот на „Битолски весник“ Менде Младеновски, кој рече во голема мера е осипан бројот на новинари во Битола, а условите за работа стануваат сè потешки.
„Бевме 130 новинари во овој град, сега сме многу малку и оние кои останаа нема каде да одат, но не ни сакаат да заминат, не сакаат после 30 години новинарство да ја напуштат професијата. Не сакаат да се повлечат. Тоде ми рече ‘новинарството е како рингот, излегуваш на него и не знаеш како ќе заврши’. Секогаш не победува вистината, но за неа заслужува да се бориш“, рече Младеновски.
На доделувањето присуствува сопругата и ќерката на Тоде, Снежана и Даниела Петровски, кои рекоа дека го следеле неговиот патот и секогаш биле поборници за вистината.
Ж. ЗДРАВКОВСКА