Во оваа ковид-криза, што трае веќе премногу долго, го повикувам Министерството за култура внимателно да ги разгледа културните организации од независната културна сцена од внатрешноста на државата, коишто продуцираат релевантна, важна и охрабрувачка култура и да им даде шанса за живот, апелира режисерката и сопственичка на „Интимен театар“ од Битола Софија Ристевска-Петрушевска, додека културните работници ги исчекуваат резултатите од конкурсот за поддршка на проекти од Министерството за култура.
„Интимен театар од Битола веќе четири години не добил никакви средства од Министерството за култура. Оваа година конкуриравме во драмска и во интердисциплинарна дејност, и се плашам дека ако и оваа година не добиеме грант, нема да можеме да ја одржиме во живот самата структура на организацијата. Досега мал приватен бизнис, хотелот во чијшто простор веќе осум години работиме, успеваше да влева дел од своите приходи во нашата организација, но благодарение на ковид-кризата, малиот бизнис е сосема мртов и ние остануваме без основни средства за работа и одржливост“, вели Ристевска-Петрушевска.
Таа ја истакнува важноста на културните организации, што работат и опстојуваат во внатрешноста на држава, истакнувајќи дека надежта во малите средини не треба да се убива.
„Овие културни организации функционираат во локални заедници што секојдневно се напуштани од своите жители. Населението за жал, заминува, емигрира, а со тоа се намалува просторот во којшто овие организации дејствуваат. И покрај оваа ситуација, организациите од внатрешноста успеваат да привлечат артисти и млади луѓе, и успеваат да бидат светли точки, во развитокот на градовите каде што дејствуваат. Без овие организации од внатрешноста сосема би се изгубил културниот еко систем во државата, што во моментов стои на стаклени нозе“, вели Ристевска-Петрушевска.
Валентин Дамечевски од Младинската сцена на „Интимен театар“ вели дека тоа е место кое секогаш е отворено за младите, а претставите што ги работат се општествено и социјално освестени.
Од „Интимен театар“ апелираат до Министерството за култура и до комисиите да се разгледаат детално портфолијата на организациите и да не се расцепкува и така малиот буџет на милион мали порции за да се доделат на нереални организацииа. Бараат да се укрупнат грантовите и да се дадат на реалните чинители на независната културна сцана.
Апелот е испратен и преку социјалните мрежи каде доби широка поддршка од културните работници во внатрешноста.
Ж. ЗДРАВКОВСКА