ДАЛИ И ОВА Е ПРЕМАЛКУ ДА СЕ ПОБАРА КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ, РЕАГИРААТ ВЕЛЕШКИТЕ ЕКОЛОГИСТИ ПО ИНЦИДЕНТОТ СО ИСТЕЧЕНИОТ МАЗУТ ОД „МАСЛОДАЈНА“

    ДАЛИ И ОВА Е ПРЕМАЛКУ ДА СЕ ПОБАРА КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ, РЕАГИРААТ ВЕЛЕШКИТЕ ЕКОЛОГИСТИ ПО ИНЦИДЕНТОТ СО ИСТЕЧЕНИОТ МАЗУТ ОД „МАСЛОДАЈНА“Дел од истечениот мазут заврши и во Вардар, но утврдено е дека немало помор на риби (Фото: СДК.МК)

    Велешките екологисти реагираат на еко-инцидентот од неделата кога истече мазут од фабриката за масло „Благој Ѓорев“ и потоа заврши во Вардар. Еколошкото друштво „Вила зора“ и еколошката групација „Зелена сила“ бараат одговорност од сторителот.

    „Најостро реагираме на последниот еколошки инцидент и нарушувањето на животната средина и прашуваме: дали со излевањето на големи количини мазут не е предизвикана општа опасност и дали за ова е поднесена пријава до надлежните органи? Дали е земен примерок од водата во Вардар и дали е пратен на испитување? Дали е известен државниот инспекторат?“, стои во соопштението на „Вила зора“.

    Реагираа и од „Зелена сила“ од Велес.

    „Ова не е прв инцидент во овој индустриски капацитет, кој е во постапка на добивање „Б“ интегрирана дозвола. Загадени се јавна површина и Вардар. Дали е тоа премалку за да се побара кривична одговорност, откако паричната казна не беше доволна, за да се запазат еко-стандардите“, велат од групацијата.

    Во неделата околу 10:30 часот, од резервоар на „Маслодајна“ истекол мазут, а дел од него заврши на улицата Алексо Демниески Бауман. Од фабриката кажаа дека истекле не повеќе од 300 литри, а од Општината дека е еден тон мазут и дека дел од него преку решетките за отпадни води завршил во Вардар. Од „Маслодајна“ тврдат дека немало излевање преку отпадниот канал.

    Реагираа и од здружението на спортски риболовци „Бабуна“, кое стопанисува со рибниот фонд на Вардар по течението низ Велес. Тие извршиле увид и констатирале дека нема помор, но бараат од производните капацитети и од локалната власт поголема контрола.

    „Чести се овие инциденти и затоа и локалната власт и производителите треба да вршат зачестени контроли“, кажа Мартин Павлов, претседателот на ЗСР „Бабуна“.

    Екологистите потсетуваат дека и лани на 27 септември се случи голем еко-инцидент во „Маслодајна“, кога во еден од силосите се запалија 400 тони пелети со сончоглед. Во ноември, раководството на „Маслодајна“ се спогоди да плати казна од 50.000 евра. Со оваа спогодба, извршниот директор на „Маслодајна“ и одговорното лице за животна средина прифатија условна глоба од по 15.000 евра, која ќе се изврши доколку во рок од една година од денот на склучувањето на спогодбата тие сторат нов прекршок од областа на животната средина.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира