Слатинско Езеро, единствено по својата големина во реонот на Дебрца, лани во јуни беше претворено во обична ливада, но сега повторно е полно со вода.
„Ни помогнаа временските прилики, но и ние се потрудивме колку што е во наша моќ да ја задржиме водата и да го наполниме езерото. Тоа лани доживеа еколошка катастрофа, кога место езеро, имаше само гола ливада. Ги обезбедивме и двата испуста, така што повеќе нема опасност ако во него дојде преголемо количество на вода. Во 2013 година, притисокот на водата ја урна браната на езерото и тоа истече“, вели градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачевски.
Претходниот градоначалник Трајкоски во кампањата за локалните избори во 2013 година ветуваше брза санација на браната, а во неговата изборна програма пишуваше дека Слатинското Езеро и Слатино ќе прераснат во атракција за селски туризам, а на езерото ќе се организираат меѓународни риболовни натпревари. Наместо тоа, се случи еколошки инцидент и езерото сѐ до денес не постоеше.
Слатинското Езеро има вкупна зафатнина од 1.400.000 кубни метри и брана со висина од 15,5 метри.
Д. ЧУБРИЌ