ВО ДЕБАРЦА ИСЧЕЗНА ЦЕЛО ЕЗЕРО

    ВО ДЕБАРЦА ИСЧЕЗНА ЦЕЛО ЕЗЕРОЗа Слатинското Езеро драмата почна 2013, кога пукна земјaната брана што доведе до излевање на вештачката акумулација, сега езерото со вкупна зафатнина од 1.400.000 м3 и висинa на браната од 15,5 метри исчезна од водостопанската карта на Република Македонија (Фото: СДК.МК)

    Во Oпштина Дебарца во близина на Охрид, исчезна познатото Слатинско Езеро изградено во 1963, а надлежните од локалната власт молчат за оваа алармантна појава. За Слатинското Езеро драмата почна 2013, кога пукна земјaната брана што доведе до излевање на вештачката акумулација.

    „Градоначалникот Игор Трајкоски, сликајќи се во предизборната кампања за локалните избори 2013 ветуваше брза санација на браната, а во неговата изборна програма, на страница 35, во делот на проектите за развој на туризмот пишува  дека Слатинското Езеро и Слатино за време на неговиот мандат ќе прераснат во туристичка атракција за селски туризам, а на езерото ќе се организираат меѓународни риболовни натпревари”, велат од СДСМ-Дебарца.

    Денес, езерото го нема, целокупната флора и фауна е уништена, коритото е обраснато со најразновидна вегетација, мотелот на брегот е препуштен сам на себе, а минорните количини на вода од Мраморечка Река кои минуваат преку празното корито се последните сведоци за тоа дека некогаш тука имало прекрасно езеро (Фото: СДК.МК)

    Овие ветувања, според СДСМ-Дебарца, Трајкоски знаеше да ги повтори во текот на мандатот, ветувајќи и изградба на хотел и други содржини на езерото. Последното ветување го даде поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, кој минатото лето рече дека средства се обезбедени преку проектот на УНДП и  дека изградбата на нова брана на езерото ќе започне оваа пролет. Дојде и новото лето, а од санацијата нема ништо.

    Градоначалникот Трајкоски не одговара на повиците и не беше достапен за коментар.

    Наместо ветената туристичка атракција Слатинското Езеро, со вкупна зафатнина од  1.400.000 м3 и висинa на браната од 15,5 метри исчезна од водостопанската карта на Република Македонија. Денес, езерото го нема, целокупната флора и фауна е уништена, коритото е обраснато со најразновидна вегетација, мотелот на брегот е  препуштен сам на себе, а минорните количини на вода од Мраморечка Река кои минуваат преку празното корито се последните сведоци за тоа дека некогаш тука имало прекрасно езеро.

    Жители на Дебарца апелираат до надлежните да се изгради нова брана и да се ревитализира некогашното  Слатинско Езеро.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира