Општина Дебрца, која во светот на археологијата е позната по требенишките златни маски откриени пред сто години, сега ќе откопува и древни гратчиња, вели градоначалникот Зоран Ногачески. Во рамките на проектот „Археолошка топографија на старите градови и тврдини во Општина Дебрца 2018“ се изврши археолошки мониторинг на десет најзначајни локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општината и се изработи археолошка, техничка, наративна и илустративна фото-видеодокументација. Истражувањето го спроведе тим од Филозофскиот факултет во Скопје, предводен од проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс.
„Овие истражувања сакаме да ги внесеме во една посебна брошура, а потоа да извршиме и детаљни истражувања, со што во наредниот период акцентот ќе го ставиме, пред сѐ, на требенишкото кале, некропола која е светски позната, а за која малку се знае кај нас. Токму оваа година се навршуваат 100 години од пронаоѓањето на првите златни маски”, вели градоначалникот Ногачески.
Маските кои се откриени во 1918 година се наоѓаат во музеи во Белград и Софија, кои чуваат по две златни маски.
„Има уште 2-3 локалитети, што јас би ги нарекол градови. Кула Песочани, Кула Годивје и Градиштето Слатино се локалитети кои се ретки дури и во регионов. Имаат и поволна позиција, оттука поминува магистралата и ние тука ќе се обидеме да ги задржиме туристите“, изјави Лилчиќ-Адамс.
Д. ЧУБРИЌ