Вработените во ЈКП „Тетово“ од работната единица „Паркови и зеленило“ денеска не заминаа да ги извршуваат своите работни активности, револтирани поради тоа што три месеци не зеле плата, а воедно не им се уплатени придонеси за 14 месеци. Тие останаа во кругот на претпријатието, велејќи дека нема да чистат сѐ додека не им бидат исплатени платите.
„Не ни се исплатени плати за декември 2024 и за јануари и февруари 2025. Исто така, не ни се платени придонеси од декември 2023 до ноември 2024, како и за јануари и февруари 2025“, информираат работниците.
Тие додаваат дека доаѓаат на работа, ама нема да работат на терен додека не им се исплатат сите плати.
„Ни вети градоначалникот уште пред нова година дека до јануари или февруари ќе биде сѐ исплатено, но, еве, повторувам, нема ниту плата, ниту придонеси. Тука сме сите работници над 50-годишна возраст, сите сме на лекарства, сите имаме и кредити и затоа ни требаат редовни плати“, вели еден работник од „Паркови и зеленило“.
Освен оваа служба, со истата ситуација се соочувале и околу 190 вработени во ЈКП „Тетово“ од одделенијата за стопанисување со православни гробишта, чистење на улиците и администрација.
Во декември 2024 Советот на Општина Тетово донесе одлука за покривање на загубите на ЈКП „Тетово“ во висина до 60 милиони денари. Со овие пари требаше да се исплатат четири заостанати плати и придонесите за 2024, што не е во целост направено. За оваа состојба од Општина Тетово пуштија само кратка информација дека се правеле напори до крајот на неделата да се исплатат две плати.
З. АНДОНОВ