Две недели жителите на Делчево подготвуваа хуманитарна помош за збратимените градови Визгород и Тернопил во истоимената западна област во Украина. Помошта која се состои во храна, средства за хигиена, бебешки пелени и друга бебешка облека, лекови, санитетски материјали, ортопедски помагала, веќе е подготвена да се транспортира за Украина.
„Со Визгород сме збратимени градови уште од 2011 година. Со градот Тернопил, Делчево е само пријателски град. Беше договорено да се направи една заедничка средба за збратимување на двата града, но короната го спречи тоа. Се надеваме дека и воената криза ќе помине, па збратимувањето да се оствари. Но, тоа не пречеше кога украинскиот народ е во тешка состојба да се испрати помош која на украинскиот народ во овој период и тоа како им е потребна“, вели градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
Тој се заблагодарува на солидарноста на своите сограѓани и на сите донатори на чија листа се наоѓаат повеќе институции и општествено одговорни фирми како што се „ Фротирка –компани, „ Алкалоид“ Делчево , ЈЗУ „ Здравствена дом „ Гоце Делчев“ од Делчево, аптеките „ Оникс вал, „ Кетрин“ „ Твоја аптека“ , „ Фротекс-компани“ „ Рудине ММ“, „ Луна лив, Градинка „ Весели цветови“, Центарот за социјални работи, ЈПК„ Брегалница“, „ Дамјанов“, Здружение РЦЗ„ Делчево“, „ Ацико-транс“ Бутик „ Грација“, ООУ „ Ванчо Прќе“ СОУ „ ММ Брицо“ , ООУ„ Св. Климент “ Охридски- Витекс“ маркети „Извор комит“ , како и голем број граѓани, меѓу нив градоначалникот Трајковски и пратеничката од Делчево, Соња Михаиловска.
„Помошта во изминатите денови е селектирана и спакувана и врз основа на насоките на Амбасадата на Украина во Скопје се очекува во текот на денешниот или утрешниот ден камионите да заминат за Украина“, најавува Трајковски.
Т. ЈОВАНОВСКИ