Делегацијата на ЕУ одговори на писмото што претседателката на Советот и 16 битолски советници неодамна му го дадоа на амбасадорот Дејвид Гир со барање да го преиспита случајот со заглавениот европски проект „Смарт фор ју ту“. Во писмото пишува дека Делегацијата го одобри амандманот за велосипедските патеки бидејќи се совпаѓа со слични иницијативи низ ЕУ, при што туристите можат да изнајмат велосипед и да ги посетат локалните знаменитости. Понатаму, во писмото се додава дека нема достапност на дополнителни средства кои би можеле да се доделат за реконструкција на зграда Парк во Битола. Од Делегацијата посочија дека проектот за прекугранична соработка беше изменет бидејќи водечкиот апликант, Општината, немаше доволно средства за реконструкција на оваа зграда главно поради неодамнешното поскапување.
Писмото со одговор на Гир на кое тој се обраќа до претседателката на Советот, Габриела Илиевска од Поинаку и групата советници, а било испратено до нејзината електронска адреса, денес до медиумите го препратија службите на Општина Битола, укажувајќи дека стигнало на 2 ноември, а уште не е објавено во јавноста. Градоначалникот Тони Коњановски од советничката говорница денес ја повика Илиевска да го обзнани документот зашто, како што рече од Делегацијата на ЕУ имал информација дека одговорот е испратен.
Илиевска пак, обвини дека бил направен упад и злоупотреба на нејзината службена електронска пошта додека била службено отсутна во странство.
„Некој службеник или некои службеници од администрацијата на Општината неовластено ја користеле мојата е-адреса и електронското сандаче кои ги имам како претседателка на Советот за комуникација со исто така надворешни лица за кои јас не сум дала никакво овластување или согласност. За ова веднаш ќе отворам предмет во Јавното обвинителство во Битола и ќе барам најригорозно да се казнат сторителите за овој упад“, рече Илиевска.
Таа смета дека сторителите имале помош од други лица кои се стручни во областа на информатиката за да го изведат упадот.
Кавгата за тоа дали парите од ЕУ да се наменат за велосипедски патеки или за објектот Парк трае со месеци меѓу локалната власт и другите советнички групи. Советничката група на СДСМ поднесе и пријава до Обвинителството зашто Општината потпишала амандман за пренамена на средствата без одлука на Советот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА