ДЕПОНИЈАТА СО ЗГУРА КРАЈ ВЕЛЕС СЕ ОТСТРАНУВА БАВНО, ЛАНИ ИЗВЕЗЕНИ САМО 14 КАМИОНИ, ЗА 2021 НЕМА ПОДАТОЦИ

    ДЕПОНИЈАТА СО ЗГУРА КРАЈ ВЕЛЕС СЕ ОТСТРАНУВА БАВНО, ЛАНИ ИЗВЕЗЕНИ САМО 14 КАМИОНИ, ЗА 2021 НЕМА ПОДАТОЦИДепонијата е резултат на тридецениската работа на Топилницата (Фото: СДК.МК)

    Отстранувањето на депонијата со згура крај Велес се одвива бавно и со мали количества и динамика. За ова, половина година предупредуваат од локалната власт. Концесијата за користење на депонијата ја има српската фирма „Кепс маунт груп“, која има седиште во Скопје.

    „Отстранувањето на техногената минерална суровина од локацијата на некогашна Топилница се одвива забавено. Лани се извезени само 370 тони или 14 камиони. За годинава немаме податоци“, кажа Билјана Манаскова-Шуркова, раководителката на Одделението за животна средина во Општина Велес.

    „Б“ интегрираната дозвола за отстранување на згурата е одобрена во септември 2019. Од локалната власт се сомневаат дека концесионерот ќе ја отстрани депонијата до септември 2023, до кога е издадена дозволата. Според проценките, депонијата тежи 1,8 милиони тони. Во неа има 6-10 % цинк, 2,2-3,4% олово и 25% железен оксид. Има и арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но инвеститорот вели дека нивното присуство е скромно оти биле врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето. Концесионерот „Кепс маунт груп“ лоцира три причини зошто количеството на отстранета згура е мало.

    „Имавме заразени со коронавирусот поради што немаше можност за нормално функционирање и работење. Проблем беше и обезбедувањето на електрична енергија во количини потребни за експлоатација. Трет проблем беше неможноста за монтирање на магнетен сепаратор, а и Општина Велес одбиваше да ја прошири „Б“ интегрираната дозвола. Но, во 2022 почнуваме со максимална работа“, соопштија од „Кепс маунт груп“.

    На прашањето колкаво количество згура годинава е отстрането, кажаа дека тоа е деловна тајна.

    Дислокацијата ја следеа проблеми од старт. Една година имаше застој и згурата не се отстрануваше оти, според концесионерот, Малезија, каде што првично требаше да се носи, забранила увоз на вакви материјали. Потоа се бараше нов пазар и се најде во Србија и Косово.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира