Десет трактори и три камиони на Охридски Комуналец денес беа вклучени во расчистувањето на ѓубрето што до доцна синоќа поради силното невреме го исфрлаше езерото на градскиот кеј и на крајбрежјето во централниот дел на Охрид. Подигнати беа 70 кубици отпад што е незапаметено во поновата историја на градот.
„Вклучивме се што имавме од механизација во расчитувањето на отпадот на градскиот кеј. Ангажиравме десет трактори и три големи камиони. Ги чистевме и остатоците од дрвенаријата и стаклото откорнати од брановите во угостителските објекти веднаш до брегот. Сега кејот е чист, благодарение на ангажираноста на голем број наши вработени, но и на екипи од ’Нискорадба‘, „’Проаква‘ и ’Градски пазар‘. Работевме од пет часот утринава, така што гостите кои денес пристигнаа во Охрид, воопшто не забележаа дека вчера имаше големо невреме“, ни изјави директорот на „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски.
Пред една недела езерото на кејот исфрли 30 кубици отпад и тогаш се сметаше дека е тоа најголема количина која е собрана досега.
Охридскиот регион во текот на вчерашниот ден го зафати силен ветар што на моменти достигнуваше брзина и до сто километри на час. Под вода се најдоа тераси на повеќе угостителски објекти, а од ветрот настрадаа неколку стари стебла дрвја, покриви на постари објекти и стари бандери.
Тешко оштетен беше и Мостот на желбите, донација на бизнисменот Велија Рамкоски. Не е целосно уништен, но делови од него повлече езерото, а голема количина на летви и денес пливаат по езерото.
Д. ЧУБРИЌ