Над 300 жители на Шашаварлија, Почивало, Кучица и неколку други потплачковички села, како и селата во атарот на планината Серта од саботата се отсечени од светот. Патиштата до овие села поради големите снежни наноси се непроодни.
ЈП „Стипион“, задолжено за проодноста на улиците во Штип и кон селата во општината, овие денови работи и во ноќни смени за да ги деблокира завеаните села.
„Вчера успеавме да го пробиеме патот до Драгоево и Селце под планината Серта и патот до Шашаварлија, кое исто така беше завеано. Денеска и утре ќе го пробиваме патот до селото Почивало, кое се наоѓа во подножјето на Плачковица, а од Штип е оддалечено 10-20 километри“, вели директорот на „Стипион“, Саше Протогеров.
Во план било утре да се пробива патот до Горачино, Брест и другите села кои гравитираат кон Општина Радовиш.
Со пробивањето на патот за Шашаварлија, создадени се услови за продолжување на наставата, која беше во прекин оти наставниците живеат во Штип.
„Јас успеав со теренско возило уште вчера да отидам во Шашаварлија и ги одржав моите часови. Имаме комбинирана паралелка со вкупно 11 ученици, кои пред неколку години добија нова училишна зграда. Од утре настава ќе можат да одржуваат и колешките“, вели наставникот Реџаи Асанов.
Во Шашаварлија живеат стотина луѓе. Општинските служби денеска со помош на војници од Гарнизонот во Штип доставија храна до загрозените семејства. Вчера бил извршен дотур на храна и во завеаните села во Лакавичкиот крај.
Т. ЈОВАНОВСКИ