По пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 59 лица, меѓу кои шестмина малолетници, над 40 психолози од денеска се ангажирани во училиштата во Кочани и Штип, со посебен акцент на оние во кои учеа учениците кои починаа. Во Кочани се ангажирани 30 психолози, а во Штип 10. Други психолози се ангажирани и во останатите градови од каде имаше загинати во големиот пожар.
„Минатата недела имавме 100-тина, оваа недела во мрежата на училишни психолози имаме 130. Сите тие поминаа специјализирана обука за постапување во оваа кризна ситуација и се активни на терен. Министерството за образование и наука (МОН) заедно со повеќе други страни – УНИЦЕФ, Институтот за психологија при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, Комората на психолози и Црвениот крст, прават напори за да обезбедат соодветна психолошка помош и психосоцијална поддршка за оние на кои им е потребна, а особено на најмладите. Веднаш по трагедијата подготвивме насоки за училиштата, за наставниците и родителите. Споделивме и лични контакти за телефонски совети и разговори. Беа отворени и наменски линии достапни 24/7“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска по денешната посета на неколку училишта во Штип.
Психологот Елена Бошковска рече дека заедно со училиштата формирале повеќе тимови на психолози кои ќе работат со учениците по траумите што ги доживеаја од големата трагедија во Кочани.

Формирани се повеќе тимови на психолози кои во наредните денови ќе работат со учениците од училиштата чии сокласници загинаа, но ќе бидат опфатени и основните училишта и градинките. ( Фото: МОН )
„Приоритет се средните училишта од каде произлегуваат поголемиот број од настраданите во пожарот. Но, опфатени се и основните училишта, па дури и градинките. Овој трагичен настан донесе кај младите големи трауми, шок состојби, голема тага, гнев и мора стручно да се работи со тој спектар на чувства и емоции“, рече Бошковска.
Таа додава дека дома многу малку се зборува за чувствата и емоциите, па затоа во оваа акција се ангажирани стручните факултети и севкупно на располагање се над 130 психолози, подготвени да помогнат по големата трагедија која предизвика големи психолошки нарушувања кај сите, а посебно кај младите и најмногу кај учениците чии сокласници загинаа или сега се борат за живот. На сите млади и сите заинтересирани граѓани, како што велат професорите по психологија, на располагање им стојат сите советувалишта.
„Во рамки на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ заедно со Комората на психолози, отворивме и Центар за младинско советување и тоа е всушност збирното место на психолозите од каде потоа тие заминуваат да работат во училиштата во Штип, а секако работат и со студентите во градот кои ценат дека во оваа ситуација, добро ќе им дојде разговор и насока како полесно да се справат со предизвиците“, рече министерката Јаневска.
Т. ЈОВАНОВСКИ