Учениците од подрачното основно училиште во селото Клуковец една седмица не одат на училиште. Родителите не дозволуваат педесетина деца од 1 октомври да посетуваат настава, а причината се лошите услови во кои работат децата. Според најавите, во сите подрачни училишта во Велешко наставата требаше да се следи со физичко присуство, вклучувајќи го и тоа во Клуковец.
„Објектот не ги задоволува елементарните услови за настава и родителите се револтирани. Тие размислуваат сами да го урнат школото и да изградат ново“, вели наставникот Ремзи Тахири, кој работи со учениците.
Во ова училиште настава посетуваат ученици од прво до петто одделение и работи во рамките на ОУ „Васил Главинов“ од Велес. Информацијата дека има бојкот ја потврди и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
„Образложение на родителите за бојкотот е што не почнала изградбата на училиштето. Имав средба со делегација на жители од селото. Вината што не е започната изградбата не е ниту во Министерството за образование, ниту во локалната власт. Средства се обезбедени, проблемот е што на локацијата каде што треба да се гради има фарма. Таа треба да се отстрани за да се издаде одобрение за градба. Затоа на средбата со делегацијата од Клуковец посочив да разговараат со нивниот соселанец, да го убедат да се отстрани делот кој зафаќа дел од катастарската површина за новото школо и да започнат градежните работи“, изјави Коцевски.
Проблемите со условите за настава во подрачното училиште во Клуковец започнаа во есента 2016 и секоја учебна година почнува со бојкот.
П. ПЕЧКОВ