ЏАБЕ ГИ КАЗНУВАМЕ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЗАПРЕЖНИ КОЛИ ВО ВЕЛЕС КОИ НЕ ЈА ПОЧИТУВААТ ОБВРСКАТА ДА НОСАТ ТОРБИЧКА ЗА ИЗМЕТОТ ОД КОЊИТЕ, ВЕЛИ КОЛЕВ

    ЏАБЕ ГИ КАЗНУВАМЕ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЗАПРЕЖНИ КОЛИ ВО ВЕЛЕС КОИ НЕ ЈА ПОЧИТУВААТ ОБВРСКАТА ДА НОСАТ ТОРБИЧКА ЗА ИЗМЕТОТ ОД КОЊИТЕ, ВЕЛИ КОЛЕВСо одлуката донесена во септември 2016 година се обврзуваат лицата што управуваат запрежни возила или го водат добиток, да водат сметка за одржување на хигиената со обезбедување на хигиенска опрема -кесе, метла, лопатка за прибирање на фекалните остатоци при движење. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Велес често реагираат за изметот кој останува по градските улици од запрежните возила кои се користат. За овој проблем зборуваше и Мирјана Петрушевска-Савова на седница на Совет.

    „Изметот од запрежните коли е сериозен проблем во градот. Го има по улиците кои гравитираат кон Градскиот пазар, но и на останатите сообраќајници каде се користат овие рабаџиски коли. Сопствениците треба да се задолжат, изметот да не завршува на коловозот. Така прават во светот, 21. век сме“ , рече Петрушевска-Савова.

    Советот во септември 2016, пред десет години, има донесено одлука за уредување на оваа проблематика.

    „Имаме одлука на Советот. Тој што користи коњ, магаре низ град, треба да ја почитува. Откако полицијата за сообраќајни прекршоци почна да ги одзема возилата, се вратија овие запрежни животни во сообраќајот во градот. Ги има сѐ повеќе и повеќе. Давам и писмена и усна наредба на комуналниот инспектор кој излегува на терен, ги едуцира, ги контактира, ги замолува, ги информира какви обврски имаат. И ги казнува. Таа казна не делува, тие немат ниту лична карта, ниту имот. Останува ние како локална власт да купиме такви торбички и да ги поделиме на сопствениците“, кажа градоначалникот Марко Колев.

    Со одлуката донесена во септември 2016 година се обврзуваат лицата што управуваат запрежни возила или го водат добиток, да водат сметка за одржување на хигиената со обезбедување на хигиенска опрема – кесе, метла, лопатка за прибирање на фекалните остатоци при движење.

    Ако се создаде отпад – смет од добитокот на јавно прометните површини, лицето што управува со запрежна кола или добитокот е должно отпадот да го отстрани од местото каде е создаден, во спротивно тоа ќе го стори ЈКП „Дервен“ на сметка на лицето кое управува со запрежна кола или добитокот. Предвидени се и мандатни казни за сторителите.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира