Џиновската пита пастрмалија, која се подготвуваше шест часа, се изеде за 12 минути. Од нејзината продажба, која беше хуманитарна, волонтерите на Општинската организација на Црвениот крст во Велес собраа 15.400 денари, што е повеќе од ланските 12.000, а помалку од рекордните 16.000 пред две години. Средствата ќе се наменат за набавка на пакети со храна во Неделата на борба против гладта, која се одбележува од понеделник. Џиновската пита со години е донација од фурната „Гемиџии“ и секоја година е сè поголема.
„Годинава го срушивме сопствениот рекорд и поголема е од лани за 10 сантиметри. Сега е долга 4,40 метри. Се подготвуваше шест до седум часа, од кои два часа беа потребни за обработка на месото, а останатото време за подготовка на тестото и за печењето. Ветувам дека питата уште неколку години ќе расте, но, сепак, фурната има граници“, кажа Александар Јамалов, сопственик на фурната „Гемиџии“.
Во подготовката учествувале 10 пекари. Биле употребени 17 килограми брашно, од кое се добиени 28 килограми тесто, 45 килограми свинско месо и 370 јајца, плус сало. Таа беше подготвена за годинашното издание на Велешката питијада.
П. ПЕЧКОВ



