Во вторник на 12 август, директорката на Гимназијата од Демир Хисар Маја Лозановска, ќе се јави на информативен разговор во демирхисарската полициска станица, кажа нејзиниот адвокат Жарко Стевановски. Потоа ќе побараат од началникот на ОВР Демир Хисар во негово присуство да се пристапи во училиштето со цел да се констатира кој провалил во училишните простории ден пред распишување на изборите, на 8 август.
„Воедно ќе побараме и да се расчистат спорните прашања околу законитоста во постапката за да се издејствува наредбата за претрес, односно да се потврди врз основа на чија пријава и врз основа на какви докази ОВР Демир Хисар го сторило веројатен основот за сомневање за сторено кривично дело пред ОЈО Битола врз кој била издадена наредбата за претрес“, соопшти Стевановски.
Во саботата вечерта полицијата извврши претрес во домот на Лозановска барајќи го печатот од училиштето. Претходно судот го имаше прифатено барањето за претрес поради сомневање за кривично дело фалсификување и уништување на деловни книги. За време на претресот, Лозановска беше во лоша здравствена состојба и на боледување од работа, а началникот на ОВР Демир Хисар, кој присуствиваше на настанот изјави дека и на носилка ќе биде однесена на информативен разговор во полиција. На тоа се побуни адвокатот кажувајќи дека тој има налог за претрес, а не и за нејзино лишување од слобода.
Вчера од МВР соопштија дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности по реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот во Демир Хисар.
Од Обвинителството денес рекоа дека писмено известување од МВР до нив не е доставено во врска со тоа дали е пронајден печатот од училиштето и дали се поднесени кривични пријави за случајот.
Адвокатот на Лозановска вчера за САКАМДАКАЖАМ,МК изјави дека целта била таа да биде разрешена од функцијата директор, за до пред распишувањето на изборите да се завршат три вработувања во школото.
Весна Баковска од Комисијата за образование при СДСМ Битола на прес-конференција обвини дека во пресрет на датумот за распишување на локалните избори, градоначалникот на Демир Хисар иако му биле одземени ингеренциите, сепак се обидел незаконски, заобиколувајќи го Училишниот одбор да ја разреши директорката на училиштето.
Градоначалникот Никола Најдовски изјави дека ситуацијата е само драма, нема политичка позадина, нити вработувања.
„Постапено е по решение од Државен просветен инспекторат кое констатира големи прекршоци во работата на директорот. Ме задолжи итно и неодложно да ја разрешам директорката. А исто така го задолжува и Советот за итно и неодложно да го разреши и училишниот одбор бидејќи и тој сноси одговорност“, рече Најдовски.
Тој не кажа кои се неправилностите што ги направила Лозановска зашто документот бил долг и му се наоѓал во канцеларија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА