На отворањето на 12. Интернационален детски фестивал Битолино во Битола, директорот Васко Мавровски излезе на сцената со транспарент во рацете на кој пишуваше „Заслужуваме своја сцена, сакаме детски театар во Битола“. Овој театарски фестивал, кој е во организација на „Бабец театар“, за претставите ги користи сцените на Центарот за култура и на Народниот театар во Битола.
„Барам четвртата по ред локална власт во Битола до која сме доставиле барање да отстапи простор во вид на државно-приватно партнерство, што е прв предуслов за започнување со работа на детски театар во Битола и конечно Битолино да добие своја сцена. Да погледнат визионерски напред и конечно да соберат сила за да можеме заедно да го реализираме овој проект од суштинско значење за децата“, рече Мавровски.
Битолино, кој ќе трае до 7 август, започна со театарската работилница „Митови и легенди за Битола“, под раководство на режисерот Благојче Божиновски, а под мотото „Следи ја светлината“. Основната цел на оваа работилница е што повеќе деца да успеат да се „заразат“ со магијата на театарот и на тој начин да се почне со создавањето на нови театарски потковани генерации.
„Бабец театар“ цели 13 години успеа да опстане како професионален детски театар со 21 премиера и над 59.000 посетители. На Битолино досега имало 14.600 посетители, кои имале можност да погледнат 73 претстави од 26 земји од четири континенти. Годинава на фестивалот настапуваат гости од Мексико, Кипар, Исланд, Ирска, Грција, Србија и Хрватска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА