Последен пат отстранување на дивоизградени објекти во Охрид имаше во 2003-2004 година. Оттогаш, во Охрид не е срушено ниту едно столпче. Ние не можеме да го решиме овој проблем за три дена, ова е битка која ќе трае неколку години, кажа градоначалникот Константин Георгиески.
Говорејќи за денешната состојба со дивоградбите, Георгиески укажа на проблемите со кои се соочува Општината.
„За да дојдеме до работа на терен, потребни ни се исцрпувања на сите правни процедури. Можеме да постапуваме само кај тие објекти кои се со правосилни заклучоци за отстранување. Има објекти кои се со решенија за отстранување, па се обжалени на суд, а дел од нив се со поднесени барања за легализација. Значи, кај сите објeкти за кои е во тек одредена друга постапка, ние не можеме да постапуваме. Имаме поддршка и координација со централната власт во однос на овие активности. Ценам дека работите се значајно поместени од мртва точка и дека треба сфаќањата целокупно да се променат. Конечно, овде мора да почнат да се почитуваат правото и законот”, изјави градоначалникот.
Георгиески најави дека ќе биде дел од државната делегација која на 30 септември ќе патува во Париз, во седиштето на УНЕСКО, каде што ќе се презентира првиот извештај за напредокот во однос на препораките од последната сесија на Комитетот на светско и природно наследство.
Д. ЧУБРИЌ