ДНЕВНО ИМА 2.000 ИЗНАЈМУВАЊА НА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ ВО СКОПЈЕ, ДЕСЕТИНА СЕ УНИШТЕНИ

    ДНЕВНО ИМА 2.000 ИЗНАЈМУВАЊА НА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ ВО СКОПЈЕ, ДЕСЕТИНА СЕ УНИШТЕНИТротинети можат да се подигнат и остават каде било.(Фото: К.Попов)

    Околу 2.000 изнајмувања на електрични тротинети има дневно во Скопје. Од фирмата „Бин Бин“, која го воведе овој проект во главниот град, велат дека се задоволни од интересот на граѓаните.

    „Од ден на ден, сè повеќе граѓани рентаат тротинети. Најчесто се користат за кратки релации, односно во просек, еден тротинет се користи од 10 до 20 минути. Има случаи кога ги возат и до еден час. Освен кај граѓаните, расте интересот и кај приватните фирми кои сакаат да склучат договор со нас за нивните вработени. Нашата предност е тоа што можат да ги остават секаде, а нашите тимови ги собираат“, вели менаџерот на фирмата „Бин Бин“, Висар Дурак.

    Сè уште има случаи на уништување на тротинетите. Дурак вели дека последниве денови имаа неколку случаи на тротинети фрлени во Вардар.

    „Се обидуваме да ги поправиме оние кои се уништени од граѓаните. Десетина се целосно надвор од функција“, додава Дурак.

    Една минута користење е девет денари. Тротинетот може да се подигне од пунктовите или на улица и потоа да се остави каде било. Навечер, тимови на фирмата ги собираат тротинетите и ги враќаат на пунктовите.

    За да се вози електричен тротинет, граѓаните треба да симнат апликација, за која баркод има на пунктовите и на неа има повеќе начини на плаќање. На располагање се 500 тротинети.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира