ДО ЈУНИ 2024 ПРОДОЛЖУВА БЕСПЛАТНИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО, ЌЕ ЧИНИ УШТЕ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    ДО ЈУНИ 2024 ПРОДОЛЖУВА БЕСПЛАТНИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО, ЌЕ ЧИНИ УШТЕ ПОЛА МИЛИОН ЕВРАБесплатниот јавен превоз ќе трае од 1 јануари до 30 јуни 2024. (Фото: СДК.МК)

    Бесплатниот јавен градски превоз во Куманово ќе продолжи до средината на 2024. На вчерашната седница советниците ја изгласаа мерката за субвенционирање на јавен линиски превоз во Куманово и во соседната Општина Старо Нагоричане. Ќе трае од 1 јануари до 30 јуни 2024 и ќе чини 33 милиони денари (над 500.000 евра).

    Бесплантиот превоз во Куманово се воведе на почетокот на годината и досега Општината потроши над 1 милион евра за оваа намена. На превозниците им се плаќа 40 денари од поминат километар, има 26 линии, а според информација од Диспечерскиот центар, превозот го користат од 10 до 13 илјади патници дневно.

    Раководителот на Секторот за комунални работи Момчило Јовановски објасни дека мерката во изминатите 12 месеци се покажала како оправдана во време на економска криза и граѓаните се задоволни од неа, поради што се предлага да продолжи уште 6 месеци.

    Советникот Миле Андоновски, од Партијата на пензионерите, кажа дека не е противник да се субвенционира градскиот превоз, но не се согласува со начинот по кој се врши плаќањето – по изминат километар, бидејќи смета дека така се нема увид во бројот на превезени патници и во оправданоста на мерката.

    „Сметам дека субвенционирањето треба да биде врз основа на купен билет, бидејќи тие средства ќе бидат мерливи. На тој начин, сите граѓани кои го полнат буџетот ќе бидат доведени во колку-толку рамноправна положба, бидејќи ќе имаат можност да користат градски превоз и да им биде субвенционирана картата. Во моментов, за најголем дел од граѓаните градскиот превоз или е недостапен или недоволно атрактивен, па тоа го прави излишен. Вака е фрлање на пари во бунар без дно и е основ за сомневање за определени незаконски активности, а јас имам сериозни причини да размислувам дека постои судир на интереси и навивачка агенда. Податоците за бројот на патници ни ги дава диспечерскиот центар со кој управуваат превозниците и тие не можат да бидат проверени“, кажа советникот Андоновски.

    Советникот на Левица, Никола Лазаревски, праша дали се отстранети недостатоци и аномалии, како што е прескокнување на возниот ред на определни линии, на што се жалат граѓаните.

    „Секој месец се доставуваат контролни извештаи од инспекцискиот надзор, а се постапува и по секоја жалба, поплака или приговор упатен до Секторот за комунални работи. И диспечерскиот центар доставува извештај за сите 26 линии. Фактурата, по цена од 40 денари за километар, се исплаќа исклучиво само по доставување на тие два извештаи. Извештаите се на месечно ниво, во комисијата членуваат 3 члена од општинските служби и двајца советници кои вршат контрола“, одговори Момчило Јовановски од Секторот за комунални работи.

    Бесплатниот превоз во Куманово наиде на поделност кај граѓаните. Оние кои го користат ја поздравуваат мерката, додека останатите сметаат дека таа е популистичка и во изборни цели, со непотребно фрлање пари на граѓаните. Патниците се жалат дека има голема оптовареност на линиите во раните утрински часови и кога одат и се враќаат од работа, а обвинуваат и дека пензинерите и луѓе без работа постојано се во автобусите поради што нема место за оние кои имаат навистина имаат потреба да го користат јавниот презоз.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира