Од година в година се намалува бројот на ученици во тетовските основни и средни училишта, кои се испишуваат и со нивните родители заминуваат во странство. Ученици заминуваат и од училиштата во градот и од оние во селата. Од Секторот за јавни дејности велат дека намалувањето на бројот на ученици создава големи проблеми во општината.
„Од почетокот на оваа учебна година, според податоците што сме ги добиле од основните училишта, исписница побарале 57 ученици, како и 17 ученици од средните училишта во Oпштина Тетово. Има ученици кои заминале и од градот и од селата. Најмногу испишани ученици, 18, има од ОУ ‘Наим Фрашери‘ и од ОУ ‘Истигбал‘, од каде се испишале 17 ученици. Исто така, има повеќе ученици кои добиле исписница од училиштата во планинските села на Општина Тетово. Иако оваа учебна година имаме 74 испишани ученици од основните и средните училишта, тоа е помал број во однос на минатата година, кога заминаа 100 ученици. Ваквото намалување ни создава многу проблеми, не само на нас, туку и на државата“, вели Назми Даути, раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово.
Тетовските просветни работници сѐ уште не ја зеле платата за декември 2024. Даути вели дека тоа е само технички проблем и дека од денеска или најдоцна од утре наставниот кадар од тетовските училишта ќе ја добие декемвриската плата.
Даути исто така најави дека денеска 14 професори од средните училишта во Тетово ќе добијат решенија за трансформација на работниот однос од определено во неопределено време.
З. АНДОНОВ